Оплакување на Палестина

Додека светските медиуми пренесуваат со наслови дека Израел уби десеттина Палестинци, дека Израел отвора оган на невооружено население и сл., локалните медиуми се навлезени во длабока егоцентричност и овие настани ги гледаат од центарот на светот – Скопје.

Најновите вести велат дека преку 52 лица се загинати само на денешниот ден, а 2400 ранети. САД свечено ја преселуваат својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

Што е Палестина?

Палестина е територија населена со луѓе од еврејско и арапско потекло. На ова територија постои држава наречена Израел, прогласена на 14 мај 1948 година. Тој ден завршил мандатот на окупација на Британската империја од времето на Првата светска војна. Евреите уште пред почетокот на Втората светска војна планирале создавање на држава во Палестина. Британската влада се опирала на овој процес, но без успех. Некаде на почетокот на 1947 година интервенирале и Обединетите нации.

Препораките на ООН биле поделба на Палестина со Ерусалим како меѓународно управуван град. Палестинските Арапи, кои биле 70% од населението и поседувале 92% од територијата добиле 47% од земјата! (Резолуција на ООН 181). Ова е страшен криминал над палестинскиот народ. Кога Специјалниот комитет за Палестина при ООН гласал за поделба, 33 гласа биле за, 13 против, а 10 воздржани.

Арапите не се согласиле со поделбата од 1947 и охрабрени (и вооружени) од британската влада се подготвувале за војна против ционистите и создавањето на еврејската држава.

Во мај 1948 година арапските режими околу Израел извршиле напад над ембрионската еврејска држава. Британската војска се повлекла и им дозволила на арапските војски да навлезат во Палестина, а истовремено ги затворила пристаништата за дотур на оружје на Евреите. И покрај ова, Арапите биле поразени. Израел, наместо да ја почитува поделбата од 1947 година, со војска освојува поголема територија.

Седумдесет години од постоењето на овој монструм. Израел е јадро на империјализмот на САД и Британија во регионот. Во меѓувреме, британската надворешна политика од иницијално поддржувачи на арапскиот национализам (заради своите интереси против Турција а за империјално владеење на целиот Блиски исток и Медитеран) го сменија својот став и почнаат со сите средства да го поддржуваат ционизмот посебно по египетската револуција и случувањата во Обединетата Арапската република (подоцна поделена на Сирија и Египет). Сирија и Египет се приближија на Советскиот сојуз (и економски и воено), па Британците мораа да се спојат со американскиот империјализам во градењето на бастион за контрола на целиот простор на Северна Африка и Блискиот исток.  Израел поседува оружје за масовно уништување и неодамна воено ја помагаше Исламската држава (ИСИЛ), поради заедничкиот непријател Исламската република Иран.

Од крајот на 2014 година Израел започна нов период во арапско-еврејскиот конфликт што трае се уште. Конфликтот е во основа бран на агресија врз Палестинците во појасот Газа и неорганизиран отпор од страна на населението.

Како продолжение на низата политички промашувања е и отворањето на амбасада на Македонија до таканаречениот главен град на Израел, Ерусалим. Ова е сепак уште едно лигавење пред американскиот империјализам, па не сме ни малку изненадени.