За „дивите” (солидарни) работнички и работници од Бит пазар

Веќе неколку дена улиците кај Бит пазар се блокирани поради солидарните протести на здружените и истрајни работници кои беа дислоцирани од своите места за продажба по најавената ре-конструкција на пазарот.

„Немаме каде да одиме, нашата судбина е во нивни раце, но изгледа тие не разбираат дека сме оставени за никаде. И за нас не е лесно овде да седиме 24 часа. Сите зависиме од оваа работа. Имам седумчлено семејство, сите од ова место обезбедуваме јадење. Не сакаме да правиме проблеми, само бараме решение. Нека ни најдат тезги, сакаме да продолжиме со работа. Ни рекоа дека има слободни тезги во Бит Пазар, но внатре нема слободни тезги. Само не лажат. Ќе продолжиме да протестираме се додека не ја исполниме целта. Имавме средба со претседателите на Општина Чаир и Град Скопје, но залудно. Ќе продолжиме да протестираме“- изјавуваат работниците кои ги блокираа улиците кај Бит пазар.

Од друга страна, градоначалникот на град Скопје, Шилегов, ги етикетира работниците кои протестираат како „диви продавачи”: „Недозволиво е поради 20 или 30 диви продавачи кои имаат можност да се легализираат и понудени им се и по социјален аспект определени бенефиции, да се однесуваат на начин на кој се однесуваат.”

Но, кој е оној кој е див и што значи да си див наспроти питом? Да си див значи да не можеш бидејќи немаш избор, а не да не сакаш по твој избор, да се легализира твојата продажба. Од една страна, самите работници кои протестираат велат дека сакаат да работат легално. „Ако не не’ пуштаат овде, да ни дадат место каде што можеме да си работиме. И нормално, ќе си плаќаме. Да ни најдат место, ние не бегаме од давачките. Ние ќе си ја платиме таксата, нека ни го најдат нашето место”.

Но дури и доколку има работници кои „не сакаат“ да ја легализираат својата продажба, тоа не зависи од нив, туку од самиот див систем на разуздани неолиберални вредности кои ги поддржува секоја владеачка гарнитура досега во Македонија. Да си див, значи да си роден и пораснал во систем каде и покрај тоа што си имал обезбедено бесплатно образование, си немал услови да учиш бидејќи ни една бедна тетратка не е бесплатна во т.н. „бесплатен” образовен систем. Ниту пак сметките за струја кога треба да се вратиш дома и да учиш во рамките на „бесплатниот” образовен систем. А уште помалку е бесплатен лебот или водата кои ти се потребни за да можеш да учиш во тој „бесплатен” образовен систем. Да си див, значи дека и покрај тоа што системот не успеал да ти обезбеди услови за егзистенција, ти си се изборил за гола егзистенција преку продавање на улица и кога некој и таа гола егзистенција од улица сака да ти ја одземе – се бориш, не питомо, туку диво и непокорно! Па така и би, во див систем, ќе не има и нас, “диви” работници кои се борат диво и непокорно!