АктуелноЛокално

Отворено писмо на „Гласен Текстилец“ по повод изјавата на претседателот на организација на работодавачи, Ангел Димитров

Организацијата за работнички права и работничко организирање „Гласен Текстилец“ објави отворено писмо по повод изјавата на Ангел Димитров, претседателот на организација на работодавачи, околу неисплаќањето на К15:

 

Почитувани, како здружение и активисти кои изминатите три години се обидуваат да ги застапуваат правата на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија, сметавме дека е повеќе од потребно вакво отворено писмо откако ја слушнавме изјавата на претседателот на работодавачи, господинот Ангел Димитров.

Имено, тој во неговата изјава вели дека работничките кои користеле породилно отсуство не исполнуваат услов за да се здобијат со правото на регрес на годишен одмор, односно К15.

Исто така, тој вели дека нашето толкување како невладини организации е нестручно, цитат :

“Сакајќи да се додворуваат или мислат дека се големи хуманисти, сами го толкуваат општиот колективен договор како што им одговара.”

Почитувани работнички и работници, почитуван Ангел Димитров, дел од членовите на Гласен Текстилец се или биле работнички во текстилната индустрија. Доволно за да посведочиме дека исплатата на К15 во минатото, освен во 2017, никогаш не ги дискриминирала бремените жени, односно, сме се стекнувале со правото на К15 по користење на породилно отсуство.

Почитуван Ангел Димитров, немаме потреба да глумиме хуманитарци, ниту да се додворуваме (на не знаеме кого од вашата изјава), напротив, во недостиг на правна држава и функционален синдикат во служба на работниците и работничките, да бидеме нивниот глас во борбата за остварување на нивните права. Исто така, ние ништо не толкуваме, туку се советуваме со правници, здруженија, адвокати.

Во изминатиот период упативме загриженост поради нормираниот учинок, како неуставен член од новиот закон за минимална плата, поради недореченоста во врска исплата на регрес на годишен одмор, односно, не е утврден најмал износ доколку работодавачот работел во загуба во текот на календарска година. Затоа имавме исплата на К15 во некои конфекции од 100, 500 или 1000 денари. Укажавме дека за прв пат се соочуваме со проблеми во исплатата на К15 за жените работнички кои користеле породилно отсуство, што никогаш не било пракса.

Господине Ангел Димитров, по тоа што го слушнавме во вашата изјава, загрижува фактот дека вие со толкава сигурност велите дека оваа година ќе има нов колективен договор од областа на стопанството и таму ќе прецизирате дека жените работнички кои користеле породилно отсуство не им следува правото на регрес на годишен одмор. Загрижува фактот дека вие не сметате од никаков отпор од страна на репрезентативниот синдикат кој е втора страна потписничка на тој колективен договор. Загрижува фактот дека до таму е вашата моќ да продолжите да ги ускратувате правата на работниците и ССМ да премолчи на тоа.

Дали, господине, ќе прецизирате и колкав ќе биде најмалиот износ на К15 за да немаме исплати од 100 денари?

Дали, господине, знаете дека ваквата одредба е класична дискриминација врз жените ? Дали навистина сметате дека и ние ќе премолчиме на ова? Напротив, ќе ја искористиме секоја правна алатка за да го спречиме ова.

Почитувани работници, ние, од Гласен Текстилец, ве замолуваме да ја следите состојбата со злоупотребата на вашите права. Ве молиме да не дозволувате повеќе манипулации. Ве повикуваме да основаме работнички синдикат кој никогаш нема да дозволи и се повлече пред желбите и профитот на газдите. Исто така, ви стоиме на располагање за било какви пријави или прекршувања на вашите човекови и работнички права.

Со почит,

Кристина Ампева

претседателка на НВО Гласен Текстилец

Изјавата на Ангел Димитров

превземено од Гласен Текстилец