50 години од убиството на Мартин Лутер Кинг

На овој ден, 4ти април, пред 50 години беше застрелан Мартин Лутер Кинг (МЛК), борец за социјална и економска правда. Меѓу неговите непријатели, секако, беше и државниот апарат на САД. По тој повод го објавуваме писмото кое на МЛК му го испрати ФБИ (Федералното Биро за Истраги) на САД, заедно со касета од неговите најинтимни моменти, убедувајќи го да си го одземе животот. Јасно станува како државниот апарат на САД отсекогаш ја злоупотребувал приватноста на своите граѓани. Ваков обид да се дискредитира личност кој е продукт на една прогресивна струја во општеството покажува колкаво е нивото на „демократијата“ во САД, каде што кога „аргументите“ на естаблишментот не успеваат да ги прелажат репресираните, истиот се обидува да ги дискредитира борците за социјална правда на најподлиот начин, кој нема никаква врска со политизирањето на црното население.

„Кинг,

Со оглед на твоето ниско и абнормално лично поведение јас нема да го удостојам твоето име со користење на г-дин, д-р или пречесен. А твоето презиме [Кинг = Крал, забелешка на преводувачот] потсетува на кралеви како Хенри 8ми и неговите безбројни чинови на прељуба и неморално однесување, пониско од тоа на ѕвер.

Кинг, погледни во своето срце. Знаеш дека си измамник и пречка за сите нас црнците. Белците во оваа земја имаат многу нивни измамници но убеден сум дека немаат ниеден кој тебе би ти бил рамен. Ти не си свештеник и тоа добро го знаеш. Ќе повторам, ти си огромен измамник и зло, пакостно зло. Не е можно да си побожен и да се однесуваш како што се однесуваш ти. Очигледно е дека не веруваш во имање лични морални принципи.

Кинг, како и на сите измамници така и на тебе ти се ближи крајот. Ти можеше да бидеш нашиот најголем водач. Ти, уште на млади години, се покажа не како лидер туку како развратен, абнормален и морален имбецил. Сега ќе мора да се потпреме на постарите лидери како Вилкинс, човек со силен карактер, и фала му на Бога што имаме уште такви како него. Но со тебе е завршено. Твоите ‘почесни’ дипломи, твојата Нобелова Награда (каква црна фарса) и останати награди нема да те спасат. Кинг, повторувам, со тебе е завршено.

Ниедна личност не е над фактите, дури ни измамник како тебе. Слушни го прилогот на ова писмо, со твоите сексуално-психотични уши. Ќе се чуеш само себеси во целата твоја нечистотија, зло и моронски искази, разоткриени на овој аудио запис засекогаш. Повторувам – никој не може успешно да ги одбие фактите. Со тебе е готово. Ќе ги најдеш на записот сите твои нечисти, зли придружници, мажи и жени, како зборуваат со тебе и за твоите грозни абнормалности. А некои од нив и се преправаат дека се проповедници на Словото. Сатаната не би успеал да стори повеќе. Каква неверојатна злоба. Се е тука, на записот, твоите сексуални оргии. Слушни се себеси, ти прљав и абнормален ѕверу. Ти си на снимката. Се е снимено – сите твои прељуби, сите твои сексуални оргии кои се одвиваат одамна. Оваа снимка е само мал примерок. Ќе го сфатиш тоа и сам. Да, од твоите разни зли партнери на источниот брег до [редактирано] и други на западниот па дури и надвор од земјава, се е снимено. Со тебе е готово, Кинг.

Американската јавност, религиозните организации кои ти помагаа – протестантски, католички и еврејски  ќе те знаат каков си – злобен, абнормален ѕвер. Исто и другите кои те поддржаа. Готов си.

Кинг, ти преостанува само една работа. Знаеш што е таа работа. Имаш само 34 дена во кои можеш да ја направиш (оваа бројка е одбрана со причина и има практично значење). Сега си готов. Има само еден излез за тебе. Подобро одбери го пред твојата нечиста, абнормална и измамничка природа и е соопштена на јавноста.“