Нови даночни политики

Промена на даночната политика беше очекувана од новата влада. Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, тие ја променија даночната политика која што СДСМ ја водеше, снижувајќи ги и израмнувајќи ги даноците. СДСМ најави „пофер“ даноци и во својата предизборна програма, а веќе некое време се очекуваше дека ќе се воведе прогресивен персонален данок. СДСМ предвидуваше и намалување на данокот на добивка на ИТ секторот, што Заев го најави уште еднаш, после изјавата на Тевдовски дека ќе биде воведен прогресивен данок со даночна стапка од 18% за приходите над 1000 евра месечно.

Пред се, важно е да се укаже на потребата од даноците и од нивната евентуална прогресивност. За таа цел, потребно е да се прифатат одредени премиси на социјалдемократската идеологија, имено: (1) моменталниот капиталистички економски систем нуди нееднаква распределба на богатството меѓу капиталистичката и работничката класа и (2) моменталниот капиталистички економски систем може да се реформира, најчесто преку политики на прераспределба на богатството и градење на поцврст државен сектор кој ќе овозможи лесно достапни услуги за граѓаните.

Појдувајќи од тие премиси, социјалдемократската идеологија има потреба од буџет со кој ќе го зацврсти државниот сектор, со цел да пружи квалитетно и евтино (ако не може бесплатно) државно образование, здравство, превоз, инфраструктура и сл. Самото тоа бара повисоки даноци, кои би требало да се земат од капиталистичката класа во државата, бидејќи целта е да се редистрибуира богатството од нив кон работничката класа. Дополнително, социјалдемократската идеологија стреми кон ослободување на државниот апарат од спрегите на крупниот капитал, па оправдана е прераспределбата на богатството, дури и ако не е со цел да овозможи подостапни државни услуги. Затоа, иако претходната десничарска влада ги трошеше државните средства за непотребни нешта, како проектот Скопје 2014, и иако оваа влада се уште не покажа дека државните средства ќе ги троши на посуштински проблеми, низ социјалдемократската призма, прогресивните даноци остануваат оправдани.

Но, прогресивноста на даноците наредно мора да се набљудува од два аспекта.

Првиот аспект е квантитативниот. Новата даночна политика, која Тевдовски ја нуди, Кочо Анѓушев ја спори, а Зоран Заев сака допрво јавно да ја дискутира, според Finance Think носи помалку од 40 милиони евра во буџетот на државата (а бидејќи десетте највисоки „плати“ во Македонија се, во просек, над 100,000 евра месечно, прашање е дали и оваа предвидена сума ќе се оствари). Земајќи предвид колкав е нашиот јавен долг (зголемуван со честите полумилионски задолжувања на владата), овој прилив на пари се чини минорен и крајно неефективен. Заклучокот е јасен: предлогот на Тевдовски воопшто не е доволен.

Вториот аспект е класниот. Данокот ќе ги погоди највисоките 2% од населението, меѓу кои ќе биде погодена и капиталистичката класа. Но, само на основа на персонален приход. Правните субјекти, кои се вистинскиот сопственик на капиталот, ќе продолжат да бидат даночени со 10% даночна стапка на добивка. Да е ситуацијата потрагична, Зоран Заев најавува смалување на оваа даночна стапка на 3% во ИТ секторот, со цел да ги стимулира малите бизниси (кои, ако успеат, ќе бидат купени од големите бизниси, како што покажува праксата). Земајќи предвид дека Кочо Анѓушев е капиталист, кој со противењето на прогресивниот персонален данок го демонстрира конфликтот на интерес кој го има и кој беше познат на сите, малку е веројатно дека со него во влада ќе се зголемат даноците на добивка.

Настрана десничарските критики кои го жалат бизнисот и неговата слобода, настрана душебризниците за програмерите, настрана квази-левичарите кои ја жалат „средната класа“ (која, некако, е во овие 2% и иако, според нив е толку мала, сепак е многу важна), новата даночна политика е далеку од доволна за да ја извади Македонија од кризата во која е западната. Без разлика дали ќе ја прифатиме социјалдемократската премиса дека капитализмот може да се реформира, новата влада не покажува доследност кон сопствената идеологија. Доследност од нив ќе бара кавнтитативно зголемување на прогресивните даноци, таргетирање на капиталистичката класа како главен извор на средства за полнење на буџетот и квалитативно реформирање на државниот сектор, со цел буџетските средства да не се трошат залудно.