„Отпорот станува должност“ – Интервју со Кристина Ампева

Преземено од Гласот на Америка.

На прашањето на Гласот на Америка на македонски јазик, како успева да ги исполни бројните домашни обврски како сопруга и мајка на три деца, и иако и самата невработена, како активист, да биде често на лице место – на протестите на, пред сè, текстилните, кожарските и чевларските работнички во родниот Штип, но и во други градови низ Македонија, Ампева, одговара:

„Во невладиниот сектор сум веќе три години… Често се чувствувам виновна затоа што поминувам малку време со семејството, што постојано сум некаде на пат или со обврски поврзани со активностите на здружението… Се чувствувам виновна и што не придонесувам кон домашниот буџет, туку напротив, и функционирањето на невладината организација и исполнувањето на моите цели, ги финансирам најчесто од домашниот буџет… Но, имам најголема поддршка од мојот сопруг, бидејќи и тој верува во мојата идеја, дека е чесна и искрена, и мисли дека кога некој толку во нешто верува, тоа несомнено, и ќе се случи. Искрена сум кога велам дека се трудам со сите сили да го променам општеството, за да ја гледам мојата и иднината на моите деца тука, во Македонија“.

За својата организација, Ампева вели: „’Гласен текстилец’ е невладино здружение на граѓани, вработени во текстилната, кожарската и чевларската индустрија. Основано е пред помалку од една година, но работниците го препознаа како организација која искрено се бори за нивните човекови и работнички права. Во недостиг на вистински синдикат, ние ги застапуваме нивните интереси. Сметам дека ‘Гласен текстилец’ ужива доверба кај работниците поради фактот дека сме меѓу ретките активисти кои го критикуваа новиот Закон за минимална плата, дека укажуваме јавно на постојаните прекршувања на законите во фабриките за текстил и чевли, дека постапуваме по дојавени информации за прекршувањата и упатуваме апел до институции, јавно или писмено, сè со цел, да се излезе во пресрет на работниците и да се отстранат неправилностите… Укажавме и на отворената врата за манипулации од репрезентативниот синдикат, едната страна-потписничка во колективните договори во стопанството“.

На прашањето каде наоѓа дополнителни мотиви за својот ангажман, Ампева вели дека има повеќе причини за нејзината активност.

„Пред сè, условите во кои јас работев и сè уште работат жените во конфекциите, мобингот, неплатената прекувремена работа, работата на празник и во недела, платата која е под секое човечко достоинство, без право на одмор, без право на глас… Моментот кога ја земаш таа ниска плата е поразителен, бидејќи работата не е лесна, а неретко е проследена и со некултура, со дрзок однос на претпоставените… По децениско молчење за случувањата зад вратите на конфекциите, време беше некој да ја изнесе вистината на виделина, за да се побара решение за натрупаните проблеми низ годините. Не знам каква е положбата на жената во големите градови, иако по она што го следам во медиумите, сметам дека не е ништо подобра. Но, на истокот на Македонија, жената е мајка, сопруга, домаќинка, работничка – најчесто во текстилната или чевларската индустрија, која често трпи психичко малтретирање на работното место и едвај чека од работа да дојде дома. А, кога ќе стаса таму, почнуваат нејзините домашни обврски. И секојдневно се надева дека утре ќе го живее денешниот ден, чекајќи да дојде единствениот слободен ден – недела, за да се одмори и да се посвети на домот и семејството. Жената – работничка во цела Македонија, неретко е заглавена ‘до гуша’ со кредити од банките, често и со закани од извршители, зашто се труди децата да не страдаат поради нејзината мала плата. И некој ќе каже: ‘Молчи, трај , има и полошо…’ Нема, нема полошо. Нема полошо од тоа напорно да работиш, да се трудиш, да немаш слободен ден, а на крајот на месецот, да не си заработил ни за сметките и за кредитот во банка“, вели Ампева.

За својот ангажман за одбрана на правата на вработените во фабриката „Веибо“ во Крива Паланка, Ампева за Гласот на Америка на македонски јазик, вели дека се работи за класичен пример како македонскиот работник е искористен како евтина работна сила.

„Странски инвеститор дошол да искористи државни субвенции и закони кои не ги штитат работниците, да исцеди сè што може, и да си оди од државата без да одговара. Две години укажував дека договорите за работа на само еден месец, се всушност, ‘дисциплинска мерка’, за работниците да не смеат да се побунат и за да им овозможат на сопствениците – на бремените работнички да не им ги продолжуваат договорите за работа, за платата да е под законскиот минимум, а прекувремена работа постојано да не се исплатува… Но, не наидов на слух ниту кај институциите, ниту кај јавноста, за жал, ни пошироко, кај работниците. Во ‘Веибо’ дојдовме до моментот од кој се плашев. Речиси 300 луѓе останаа на улица, без работа и без нивните три плати и придонеси од плати. Вицепремиерот вети нови инвеститори, но јасно кажа државата не може да помогне во случајот, бидејќи се работи за приватна фирма. Сега, протестите се организирани од работниците, јавно се говори, но веќе е доцна… Можеше да се спречи толкавата штета ако постоеше вистински синдикат, а не само на хартија. Работниците се борат за гола егзистенција, но сега мораат правата да ги побараат на суд, што за нив значи дополнителен трошок…“ , вели Ампева.

„Некогаш си велам – не вреди, нема да променам ништо, матрицата на народот нема да се смени, и се обвинувам: зошто не можам да се претопам во масата како и многумина други. Особено пред Осми Март… Жените во Македонија сè уште не се рамноправни, жртви се на работното место или дома. Нерамноправни се 364 дена во годината, а за празникот, еднаш годишно, треба да се задоволат со цвеќе или парфем и ‘задолжително’ со забава за вработените во кафеана… И продолжувам… Затоа што отпорот станува должност!“, децидна е „гласната текстилка“, Ампева.