Владата размислува за качување на старосната граница за пензија

Неефикасноста на економскиот модел на капитализмот е сè поочебијна, и истата се манифестира посебно во секој домен од општественото живеење. Кај нас како пример за неефикасноста на овој систем, чија ориентираност и меродавна категорија единствено е профитот, е системот на пензиските столбови, односно, кризата во пензискиот фонд. Имено, првиот пензиски фонд (Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија), кој е задолжителен за сите осигуреници, континуирано генерира дефицит кој го покрива централниот буџет. На долг рок, со ваквиот тренд на континуиран дефицит, фондот и формално ќе крахира.

Како по обичај на сите досегашни безидејни влади со кратковидни политики, така и оваа влада се обидува да ја избегне одговорноста на својата позиција, оградувајќи се од проблемот. Министерката за труд и социјала, Мила Царовска, ја префрли вината кон претходната влада и изјави: „Тоа што се направило, било неодржливо. Кога растат пензиите, не може да се намалува придонесот, а државата е социјална и системот е солидарен…. Тие паушални мерки ќе ги исклучиме, а ќе има други пакет мерки кои значат стабилизација на Фондот.“

Решението што новата влада планира да го понуди за решавање на ваквата состојба на пензискиот фонд можеби ќе го спаси самиот фондот (иако и тоа ќе биде тешко), но ќе биде кобно по тие кои на некој начин ќе го спасат, станувајќи му стаклени нозе на истиот. Имено, владата наводно разгледува две опции – покачување на старосната граница и зголемување на придонесите.

Првата опција не доаѓа предвид затоа што и сегашната граница е превисока и самите работници се исцрпени од целокупните негативни ефекти на фамозната транзиција која се карактеризираше со континуирано кастрење и кршење на работничките права, како и наглото девалвирање на социјалната состојба. А и ефектот од ваквата мерка ќе биде недоволен, особено ако се има предвид огромната стапка на невработеност.

Втората мерка, како опција за зголемување на придонесите, исто така е неизводлива. Работниците веќе имаат прениски примања за да можат да си дозволат поголем дел од нив да бидат одвоени за пензискиот фонд, додека работниците не се волни (а владата нема намера да ги изнуди) тие примања да ги зголемат. Со еден ваков чекор уште повеќе би се стимулирал веќе постоечкиот тренд на непријавување на труд, преку криење на реалните примања како компромис помеѓу надмениот работодавец и очајниот работник.

Комбинацијата, пак, на двете опции како поделба на товарот исто така очигледно е неизводлива. Токму поради горенаведените причини како што се: кршење и кратење на работничките права, и генерално лошата социјална состојба. Овие причини директно и индиректно ја блокираат можноста да се ефектуира принципот на генерациска солидарност на кој и функционира овој фонд. Како фактор кој ја оневозможува замислената и предвидена генерациската солидраност исто така се јавуваат и структурните проблеми како последица на стареењето на населението, пред сè заради иселувањето на младите, што понатаму се манифестира како постојано влошување на соодносот осигуреници-приматели на пензија. Истиот ефект на дестимулација го има и поради системот на 3 пензиски фонда кој овозможува привилегии за тие што плаќаат повеќе средства за придонеси во приватните фондови.

Екстремната класна раслоеност е проблем плус во интергенерациската солидарност која делува како дестимулатор на истата. Но не и само на неа, таа (класната поделба) исто така ги прави ефемерни целите кон кои се стремат скоро сите преземени мерки кои се на располагање на граѓанската економија. Тоа е можеби и најочигледната слика на, пред сè, неправедната даночна политика, а потоа и на економијата во целост.        

Она што може малку да ја подобри ситуацијата со фондот е, пред сè, укинување на останатите 2 приватни пензиски фондови и интегрирање на пензиското и инвалидското осигурување во еден фонд каде што придонесите од плати ќе се одредат прогресивно и основицата за плаќање придонеси ќе биде неограничена, односно, толку колку што изнесува платата, а не како што е сега, со утврдена максимална горна граница што прави огромен дел од платите на тие со високи примања да биде неоданочен.     

По сè изгледа дека социјалните проблеми во Македонија ќе се решаваат по принципот „од празно во шупливо“, што значи на грбот на најбројните, кои се обични работници со просечни примања. А пак имотните кои ги поседуваат поголемиот дел од добрата и услугите ќе останат недопрени.