Заеднички прес на Заев и Ципрас

Во Давос, за време на Светскиот економски форум, заедничка прес конференција одржаа македонскиот и гркиот премиер. Тие изјавија дека и двете земји мора да направат отстапки и да ги решаваат проблемите на прагматичен начин.

„Големата“ отсапка на грчката власт ќе биде одблокирањето на процедурите за кандидатура на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива и ратификацијата на втората фаза од договорот за стабилизација и асоцијација. Тука се чини совмесен цитатот на американскиот борец за правата на црнците, Малком Икс: „Ако ми забодеш нож во грб 9 инчи длабоко и го извадиш само 6 инчи тоа не е напредок. Дури и ако го извадиш целосно тоа не е напредок. Напредок е ако ја излечиш раната што си ми ја нанел.“

Македонскиот премиер, Зоран Заев, најави дека владата ќе го промени името на автопатот E-75 во „Пријателство“ иако досега од грчката влада, оваа и претходните, нема никакви знаци на искрено пријателство. Мора да се има на ум, сепак, дека тоа се однесува единствено на владата и не важи за други грчки организации, партии, па ни за самиот народ, кои покажале и покажуваат пријателство кое ретко се споменува. Во сиот овој спор со името, би било залудно да си дозволиме да развиеме омраза кон обичниот грк, туку напротив, треба да развиеме солидарност кон него, бидејќи како нас, и тој е замајуван со вакви измислени спорови, кои единствено служат за дефокусирање од вистинските проблеми и освојување на политички поени врз ефтин десен популизам.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, изјави дека било кое решение за спорот со името мора да е ерга омнес т.е. за целовкупна внатрешна, билатерална и наворешна употреба. Ципрас освен што ја предаде економската платформа со која дојде на власт за кризната ситуација во Грција, ги предава и принципите на самоопределување на народите и оние на солидарност.

Освен промената на името на автопатот, Заев најави и промена на името на аеродромот, наводно со цел да ја увери грчката влада дека Македонија нема територијални претензии. На ова човек тешко може да поверува со оглед на фактот што дури и во самиот устав на Република Македонија, анти-иредентизмот и откажувањето од секакви агресорски територијални претензии е еден од темелите на поредокот.

Македонија одамна не е наша држава. За богатите, како бизнисменот и премиер Зоран Заев, државата е мајка, а за нас, обичните луѓе, таа е маќеа. Пред се затоа се опасни овие дефокусирања на јавноста. Наместо да троши пари за преименување на автопати и авиони со цел да се задоволи гордоста на грчката десница, Заев треба да работи на економските проблеми во својата држава. СДСМ успеа да дојде на власт пред се поради незадоволството околу состојбата во економијата и правдата. Ваквите потези не ни помагат по тие прашања туку само одвлeкуваат внимание, време, енергија и пари. Истото важи и за неговиот грчки колега. Но, такви очекувања од бизнис партија се наивни.

Како шлаг на тортата, најавена е и средба помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Ѓорѓе Иванов со цел градење консензус за процесот со името. Ова и фактот дека претседтелот на ВМРО-ДПМНЕ јавно ги охрабри премиерите на двете земји да најдат достоинствено решение за спорот со името, покажува дека меѓу големите бизнис партии тој консензус лесно ќе се достигне.