Куманово – Авганистан – Куманово

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Реставрацијата на капитализмот од 1991г. па наваму, покрај тоа што остави илјадници работнички семејства без основни услови за егзистенција, му ги отвори и вратите на светскиот империјализам да го експлоатира не само работникот во Македонија, туку и природните ресурси и капиталот (големите објекти, машини и т.н) кој беше создаден од страна на работниците. Процесот на приватизација, односно претворање на општествената во приватна сопственост, беше многу поволен за мултинационалните компании од развиениот капиталистички свет да влезат на македонскиот пазар на труд и да го експлоатираат работништвото во Македонија како евтина работна сила. Отпрвин, под крајно контроверзни околности т.н менаџери добија можност да ги купат големите претпријатија кои им припаѓаа на работниците по багателни цени. Потоа, не можејќи самите да ги застанат на нозе „своите“ претпријатија, новите газди како инсекти се залепија за нивните „бизнис партнери“ од странство, кои едвај чекаа да влезат на македонскиот пазар на труд. Како резултат на економското потчинување, домашните политички фигури беа приморани безрезервно да ги слушаат „пријателите“ од развиените капиталистички земји за што побрза и што пообемна приватизација. Па така, коленичењето пред светските империјалистички моќници го достигна својот врв со т.н „привлекување на странски инвеститори“. Високи владини функционери шетаа по светот, претставувајќи го македонскиот работник како евтина работна сила, ослободувајќи ги инвеститорите од плаќање даноци, придонеси и т.н.

И откако, спрегата помеѓу светскиот империјализам и домашните новопечени олигарси буквално го спржија домашното стопанство и ја уништија секоја надеж на македонскиот работник за достоинствен живот, работниците од Македонија заминаа на печалба во странство, каде повторно ќе бидат експлоатирани, меѓутоа за плати со кои ќе можат да си дозволат достоинствен живот во македонски услови. Така работниците од источна Македонија заминаа на плантажите во Италија да берат овошје, работниците од многу други градови заминаа да работат на бродови во Грција и т.н., додека работниците од Куманово, заминаа на места каде што светскиот империјализам го покажа своето најсурово лице, создавајќи војни, тероризам и предизвикувајќи ги најголемите злосторства против човештвото. Работниците од Куманово, заминаа во воените бази на НАТО на блискиот исток, претежно во Ирак и Авганистан, да го хранат и да му служат на светскиот империјализам, притоа далеку од своите семејства, изложени на секаков ризик, во најтешки можни услови.

Постојаните бомбардирања, разрушените домови, губењето на најблиските, натераа милиони луѓе од блискиот исток да ги напуштат своите живеалишта и да мигрираат во земјите од Европа. На тој пат, неминовно мораа да поминат низ Р. Македонија, па така и покрај/низ Куманово. Поради потчинетата положба во општествениот поредок, работниците честопати не можат да го согледаат својот класен интерес и кај нив се јавуваат одредени конзервативни идеи. Па така кај работниците од Куманово и Македонија се јави голема доза на сомничавост и анимозитет спрема мигрантите кои транзитираа низ нашата земја. Бомбардирани секојдневно од страна на медиумите, кои што се во сопственост и во служба на крупниот капитал, работниците од Куманово и Македонија не можеа да согледаат дека зад причините кои ги натераа реките луѓе да ги напуштат своите родни места на блискиот исток и својата среќа да ја побараат на друго место, стои истиот виновник поради кој работниците од Куманово својата заработувачка за егзистенција ја побараа баш на фронтовите на блискиот исток. Тие не можеа да увидат дека изворот на нивната мака е ист и дека тие имаат заеднички интерес да му застанат на патот на тој ѕвер кој ги втурнува во војна едни со други, притоа до последна тронка берејќи ги плодовите од нивниот труд. (Империјализмот)

Неолиберализмот создава вештачки непријателства помеѓу работничката класа, делејќи ги работниците по најразлични основи, сè со цел да ја сокрие вистината дека единствениот непријател на работниците и работничките е всушност големопоседничката класа, која ги експлоатира и ги отуѓува од нивниот труд. Работниците и работничките не претставуваат конкуренција едни за други, како што тврдат неолибералните догматичари (во битката за работни места и т.н.). Тие не треба да гледаат едни на други како потенцијална опасност од било каков вид. Наместо ксенофобијата која е систематски вметната во менталниот склоп на денешницата, треба да се развива солидарниот интернационален дух помеѓу работниците и работничките од целиот свет. Затоа што тие стојат на истата страна на фронтот, во битката помеѓу експлоатираните и експлоататорите.

Случајот со работниците и работничките од Куманово, кои заминуваат на печалба на бојните полиња на блискиот исток, и мигрантите кои како бумеранг се вратија поминувајќи на овие простори, кои не беа баш гостопримливо пречекани, е многу сликовит пример за тоа како империјализмот ги втурнува работниците и работничките да учествуваат во извршување на неговите најсвирепи злодела и тоа против самата работничка класа. Затоа, во денешно време кога десничарскиот популизам кој шири ксенофобија и национализам, зазема голем замав во заштита на неолибералното уредување, од круцијално значење е улогата на современата левица да го изгради солидарниот дух помеѓу работничките и работниците низ целиот свет, подигајќи ја класната свест кај работничката класа, создавајќи класа која нема да војува внатре помеѓу самата себе, туку сета своја енергија ќе ја насочи во борбата против свет во кој постои експлоатација и отуѓување на трудот од работникот.  

Никола Крстевски