Колички дрва и Депонии ѓубре

Револуцијата на пенкалото продолжува да покажува резултати! Државниот инспекторат за животна средна се пофали дека после цели 3 години (затоа што само толку време имаме проблем со загадувањето) изречена е првата казна за загадување. Добитникот на оваа „награда“ е скопската депонија „Дрисла“.

Согласно законот за квалитет на амбиенталниот воздух, поведена е прекршочна постапка и ограничување на работата на правниот субјект „Дрисла-Скопје ДОО“ поради регистрирано пречекорување на дозволените граници за испуштање на гасови од инцелераторот инцелераторот (печка за горење на медицинси отпад), информираше на денешната прес-конференција директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Мирослав Богдановски.

Во суштина се работи за спогодбена казна од 8500 евра, која претставува далеку од максимумот за оваков прекршок која е 25 илјади евра, со договор дека „Дрисла“ ќе постави филтри на печката за согорување медицински отпад.

Нормално, во услови каде загадувањето на воздухот е еден од најгорливите проблеми, казнување на загадувач како „Дрисла“ е повеќе од оправдано, но самата постапка покренува прашања околу неколку проблематични моменти. Имено, на еден од проблемите посочи и самиот претставник од инспекторатот, а тоа е можноста „Дрисла“ да не постави филтри. Медицинскиот отпад од цела земја се носи во Дрисла и ако не се однесе таму, се отвара проблем со складирање на медицинскиот отпад. Ова значи дека посилна казна, како целосна забрана за согорување, би била невозможна. Останува опцијата да се казнат со повисока казна. Но, ако во раце имаат монопол т.е. се единствените кои работат со медицински отпад, кој ги спречува едноставно да не ја платат казната? Државата? Немоќта на државниот апарат да се справи со економски моќните има долга традиција.

Друго проблематично прашање кое се покренува во целава ситуација е тоа што за загадување на воздухот, кое е констатирано од многумина како број 1 причина за заболувања, предвидена е парична казна, но за крадење количка дрва и слични поситни прекршоци казната е затвор. Какви се тие законски регулативи кои за загрозување на животите од страна на приватните компании предвидуваат парична казна (која, за монополска компанија, е смешно ниска), а на луѓето кои прават ситни прекршоци, приморани од економската немоќ, како кражбата на кебапи, предвидуваат препишување на затворски казни? Зарем желбата да се преживее е пострашна од стремежот за профит по секој цена?