АктуелноИнтернационално

Mедиумскиот мрак околу Корбин

И покрај големата подршка во јавноста во Велика Британија, Џереми Корбин сè уште не ги освои симпатиите од медиумите. Наградата за мир „Шон Мек Брајд“ која тој, Ноам Чомски и група на Јапонски против-воени активисти ја добија помина со речиси никаква медиумска покриеност.

Забелешки за ваквиот медиумски молк имаа голем број на лево-наклонети блогери во Велика Британија, како и порталите РТ и ПресТВ. Не е тајна дека дури и медиумите кои традиционално се наклонети кон Лабуристичката партија имаат негативен однос кон Корбин. Повеќето од нив го сметаат за премногу лево ориентиран и го критикуваа неговиот избор за лидер на Лабуристите, сметајќи дека тоа што тој има да го понуди на политички план на јавноста нема да успее достојно да се бори против политиките на конзервативката Тереза Меј. Медиумите дури и побараа замена на Корбин со нов лидер со центристички економски и политички позиции, во стилот на поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер. Претпоставките на медиумите дека Корбин ќе ја „закопа Лабуристичката партија“ беа погрешни, што се докажа на предвремените парламентарни избори, каде што сите очекуваа голема победа на Конзервативната партија.

Луѓето на социјалните мрежи коментираа и за недостатокот на вест од страна на BBC. Некои од нив дури и посочија дека се сомневаат дека веста не била покриена бидејќи не е во интерес на националистичките и конзервативните партии во државата.

Наградата за мир „Шон Мек Брајд“ се доделува секоја година, започнувајќи од 1992 година. Меѓу добитниците на оваа награда се и Џон Хјум, Челзи Менинг, Навал Ел Саадави и др.