Нов национален фронт

  • Фејсбук статус на Амар Мециновиќ – Портпарол на политичката партија Левица

Потребата од нова антифашистичка акција во предвечерието на отворањето на фашистичкиот клуб во Охрид, сега кога нов фашистички виор беснее над нашето време, идејно се издвојува како вистинска насока и историска поука – кога историјата ги пресликува околностите, да реагираме превентивно.

Македонската јавност, конечно, почна да ги бистри толкувањата за сопствената историја, кои нео-либералното едноумие ги мати три децении. Лагите за повоеното социјалистичкото владеење се лаги и напади против македонската државност. Како што се ревидираше вистината во лага, така се повеќе се соголуваше државноста – се’ до АСНОМ.

Пред АСНОМ, се наоѓа разврската на приказната околу фашистичките фигури кои се наоѓаат во нашата современа приказна. За еден благороден слуга на неблагодарната нацистичка орда – Цар Борис Трети, и еден слуга на слугата, каква што му е и врховистичката идеологија – Ванчо Михајлов.

Лагите на неолибералите, термин кој патем ги означува фашистичките економски политики, кои го вперија својот арсенал за дезинформирање кон социјалистичкиот режим, ги отворија вратите на она што навистина историски преостанува вон народноослободителната победа – безживотен леш на балканскиот фашизам.

ВО ОВАА ФАЗА, првобитното будење на јавноста за опасностите од фашизмот и за антифашистичкиот државен карактер, треба да се надогради понатаму. ЗА НАС, како носители на идеите за напредок на човештвото, историјата поучува, како да дејствуваме.

Втората светска војна е сепак само епилог на долгогодишно спротиставување на силни тежнеења, и крај во приказната за Ванчо Михајлов. Нашето време е складно на она кое претходело – тоа е раѓањето, вкоренувањето и ширењето на фашистичкиот сноп.

Антифашистичката акција во Германија се формирала предоцна за да се спречат нацистите и нивните наоружани банди во расчеречувањето на општеството и континентот.
ВО ОВОЈ МОМЕНТ, во Македонија се раѓа разумна потреба за мобилизација на широк национален фронт. Левица, како најсилен антифашистички елемент во општеството, може да застане зад идејата за обединување на сите антифашистички сили во државата.

Потребата за итност и радикализација на дејствувањето преку големи чекори, е условена од долготрајноста и умисленоста на фашистичката агенда која децении наназад има предвидени цели и ресурси за крајниот исход.’

Под чадорот на широка, силна и агилна структура, каква што е онаа на Левица, народниот антифашистички капацитет може да ги победи ретроградните, фашистички и антимакедонски процеси – бидејќи нашето општество има класна и национална инклинација кон антифашизмот.