Додека има пониска класа, јас сум во неа — Јуџин Дебс

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Чесен суде, пред многу години го согледав моето сродство со сите живи суштества, и дојдов до сознанието дека не сум ни малку подобар од најзлобното на земјава. Велев тогаш, а велам и сега, дека додека има пониска класа, јас сум во неа, и додека има криминален елемент, јас сум дел од него, додека има душа во затвор, јас не сум слободен.

Во оваа судница, јас ја чув целата поддршка и целото оправдување на ова обвинение, но не се предомислив. Јас сметам дека Законот за Шпионажа е еден деспотски акт кој неморално противречи на демократските принципи и духот на слободните институции…

Чесен суде, јас веќе изјавив во овој суд дека сум против општествениот систем во кој ние живееме; дека верувам во суштинска промена — но, доколку е тоа можно, на смирен и уреден начин.

Стоејќи тука ова утро, се присетувам на своето детство. На 14 години, јас отидов да работам во работилница за железнички пруги; на 16 години, јас потпалував товарно возило на железничка пруга. Ги паметам сите маки и немаштијата на тие денови и од тогаш, па до денес, моето срце бие за работничката класа. Одамна можев јас да бидам дел од Конгресот, но јас го претпочитав затворот…

Размислувам ова утро на мажите во мелниците и фабриките, во рудниците и на железничките пруги. Размислувам за жените кои се приморани да работат за безначајна плата; за децата кои овој систем ги ограби од нивното детство и во своите нежни години, ги зграби во безмилосната мамонска канџа и ги присили да ги хранат чудовиштните машини, прегладнети и овенати, телесно и духовно. Ги гледам, мали и болни, со скшени и распрснати животи, бидејќи во ова христијанско пладне, парите сè уште се поважни од крвта и месото на децата. Навистина, денес златото е бог кој немилосрдно владее со човековите животи.

Во оваа земја — најблагословената под ова небо — има широки предели на најбогата и најплодна почва, материјални намирници во неисцрпно изобилие, чудесна производствена машинерија и милиони работници, желни да го вложат својот труд за таа машинерија да произведува во изобилие за секој маж, жена и дете — и ако и покрај тоа има голем број на луѓе кои живеат во глад и чии животи се непрекината борба, дур смртта не ги избави со бессоно спиење, тоа не е кривица на Семоќниот: не може да се препише на природата, туку комплетно на одраснатиот општествен систем во кој живееме, кој треба да се укине, не само во интерес на потиснатите маси, туку и во повисокиот интерес на целото човештво…

Јас верувам, чесен суде, како што веруваат сите социјалисти, дека овој народ треба да ги поседува и контролира своите фабрики. Јас верувам, како што веруваат сите социјалисти, дека сите нешта кои се заеднички потребни и користени треба да се и заеднички поседувани — дека индустријата, основата на нашиот заеднички живот, наместо да е под приватна сопственост на неколкумина и управувана за нивно збогатување, треба да е заедничка сопственост на сите, демократски раководена во интерес на сите…

Јас сум против социјаен поредок во кој е возможно, луѓе кои прават апсолутно ништо корисно, да прибираат богатство од стотици милиони долари, додека милиони мажи и жени, кои секојдневно работат, одвај можат бедно да преживуваат.

Овој поредок не може вечно да опстои. Јас го изразив мојот бунт против него. Јас ја препознав залудноста на мојот обид, но, за среќа, јас не сум сам. Има илјадници други кои, како мене, дојдоа до сознанието дека пред навистина да можеме да ги уживаме благодетите на цивилизираниот живот, ние мораме да го преуредиме општеството врз  заедничка и кооперативна база; и за оваа цел ние организиравме големо економско и политичко движење кое што се шири по лицето на земјата.

Денес има над 60 милиони социјалисти, лојални, посветени приврзаници на каузата, без разлика на нацијата, расата, верата, бојата или полот. Сите ја создаваат заедничката кауза. Тие неуморно ја шират пропагандата на новиот општествен поредок. Тие чекаат, гледаат и работат со надеж низ сите часови на денот и ноќта. Тие сè уште се малцинство. Но, тие научија да бидат трпеливи и да го чекаат своето време. Тие чувствуваат, тие знаат, дека навистина, овој пат, времето доаѓа, и покрај сиот отпор и сето прогонство, кога ова еманципаторско проповедание ќе се рашири низ сите луѓе и кога ова малцинство ќе стане победничкото мнозинство и, доаѓајќи до моќ, ќе ја воспостави најголемата социјална и економска промена во историјата.

Тој ден ќе го имаме универзалното богатство — хармоничната соработка помеѓу сите нации на земјата…

Превод: Јован Крајевски