Злоупотребата на концептот на „граѓанското“ наспроти партиското и потребата од неговото надминување
Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.
Граѓанското како жртва на партиското
По замената на власта, очекувано, почнаа да паѓаат маските (кои допрва ќе паѓаат во поголем обем). Една од маските што веќе паднаа се однесува на големиот број граѓански, невладини активисти кои преку ноќ станаа владини функционери. Пред сè имајќи го предвид митот за граѓанскиот активизам кои самите тие масовно го пропагираа, ваквиот нивни ангажман наиде на остра осуда од она што остана критичка јавност во Македонија. Но, како и досега, кучињата лаат, караванот си врви.
Уште една причина ме натера да го напишам овој текст. Во подготовките за локалните избори се случи уште еден партиски упад во уште една непартиска граѓанска иницијатива. Станува збор за иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“. Од она што јас го имам како информација, оваа иницијатива донесе одлука да стои настрана од локалните избори, не планирајќи ниту истакнување своја независна листа ниту поддршка за некоја политичка партија. На крајот, сепак испадна „Во одбрана на Дебар Маало“ да го поддржи СДСМ, кој кооптира членови на иницијативата на својата партиска листа. Повеќе детали за сето ова треба да објават членовите на оваа иницијатива, а она што јас би го кажал е дека тоа што се случи со оваа иницијатива не е првиот случај и дека нема да биде ниту последен случај на партиска инструментализација на некоја граѓанска иницијатива ако не се почне да се извлекуваат поуки.
Коренот на проблемот, барем според мене, е во митот за граѓанскиот активизам. Според овој мит, граѓанскиот активизам е дијаметрално спротивен на партискиот активизам и тоа во неколку клучни точки. Граѓанскиот активизам (и само тој) е мотивиран од принципи и го има предвид општото добро. Оттука, тој е „чист“, „нерасипан“, за разлика од партискиот активизам кој (по дефиниција) се перципира како мотивиран од личната корист и каде типични (и легитимни) се неморалните потези. Во спротивставувањето на граѓанскиот активизам на партискиот активизам се оди дотаму што граѓанскиот активизам дури и воопшто не се смета за еден од видовите политички активизам (заедно со партискиот активизам). Зашто, нели, политичкото е по дефиниција нешто валкано, за разлика од граѓанскиот активизам. И сите граѓански активисти се чесни, а сите партиски активисти се нечесни. Толку.
Пропагирањето на ваквиот концепт на граѓанскиот активизам ја имаше таа предност од гледна точка на тогашните опозициски центри на моќ, зашто овозможуваше кадри кои работеа и беа подготвени да работат согласно партиски агенди да ѝ се продадат на пошироката јавност како чесни и некорумпирани, без разлика што нивната мотивација за спротивставувањето на власта при нејзините упади врз правата на граѓаните беше од „партиска“, а не „граѓанска“ природа (според кажаното погоре). А големата придобивка од гледна точка на тие центри на моќ беше што така борбата за власт и фотелји можеше да се врами не како борба на една партија против друга, туку како борба на народот против режимот.
Уште една голема предност имаше промоцијата на т.н. граѓански активисти. Преку нив СДСМ можеше да се инфилтрира во ад-хок иницијативите на активираните граѓани и да обезбеди дека тие иницијативи, секогаш кога ќе биде важно, ќе играат не независно од сите партии, туку во согласност со партиската агенда на СДСМ.
Ќе дообјаснам. Првата подолготрајна граѓанска мобилизација против политиките на власта на ВМРО-ДПМНЕ се случи во 2011 година, за време на протестите против полициската бруталност. За време на овие протести граѓаните покажуваа висок степен на алергичност кон сè што е партиско па дури и се бараше од лица кои беа членови на опозициски партии (првенствено на СДСМ) да го напуштат протестот само и само да не дојде до идентификација на протестот со СДСМ. Но, веќе следната година, за време на протестите против поскапувањата на струјата и парното (Аман), почна да се топи радикалното спротивставување на партиското. Па на граѓани за кои се знаеше дека се членови на СДСМ им се дозволи да бидат членови на координативните тела на протестите, зашто, нели, поскапувањата ги засегаат и нив, па и тие, како граѓани, имаат полно право да протестираат. Само, со еден важен услов, тие како дел од координативните тела на протестите, не требаа и не смееја да спроведуваат партиски агенди. Испреплетувањето на „граѓанското“ и „партиското“ уште повеќе дојде до израз за време на протестите во 2014-2015 за да кулминира во Шарената „револуција“, каде во координативните тела на протестите имаше и членови на раководни органи на партии (СДСМ и Левица) и на многумина им беше јасно (и на тие што протестираа и на тие што не протестираа) дека главните конци на тие граѓански протести ги држи СДСМ, а не „граѓанските активисти“ кои беа во прв план.
Протестите против полициската бруталност во 2011 не можеа да бидат партиски инструментализирани. Поради нивната затвореност кон граѓаните членови на партии. Но, протестите од следната година веќе станаа ранливи на тоа. И беа инструментализирани. Методот кој го користеше и користи СДСМ е следниот. Партиски членови, како загрижени граѓани, се приклучуваат на протестите. Некои искрено, некои со задна намера. Како поминуваат протестите така се намалува бројот на граѓани кои не се партиски инструирани. Било поради замор, било поради некое несогласување, било поради лични причини. Па партиските активисти, маскирани како граѓански активисти, стекнуваат мнозинство и, ако се јави потреба од тоа, ја ставаат иницијативата во функција на партијата, т.е. на СДСМ. За време на Аман во 2012-2013 година тоа беше точката кога собирањето на 10.000 потписи беше запрено кога по т.н. црн понеделник на СДСМ му беше потребно да не се легитимизира Собранието. За време на Протестирам во 2015 година партискиот упад на СДСМ, преку т.н. граѓански активисти, беше извршен со барањето Протестирам како Протестирам, а не само негови членови, да се приклучи во кампот на СДСМ пред Владата. Бидејќи не се успеа да се издејствува тоа, беше потпомогнато замирањето на движењето како независен фактор во политичката криза. За партиската контрола на СДСМ врз Шарената „револуција“ дури е и одвишно да се пишува. А за упадот на СДСМ во „Одбрана на Дебар Маало“, пак ќе кажам, најдобро е да објаснат оние што беа директно вклучени во тоа, макар што доста јасно е дека упадот бил според стариот добар испробан рецепт на инфилтрирање „граѓански“ активисти.
Реконцептуализацијата
Сето ова повторно ќе се случи ако повторно се поставуваат работите како досега, односно, ако на граѓани кои се членови на партии и/или подготвени да спроведуваат партиски агенди им се овозможи да стануваат членови на независните граѓански иницијативи. Но, дали тоа значи дека рецептот од протестите против полициската бруталност од 2011 треба да се поддржи? Тоа дефинитивно е посилна гаранција дека нема да дојде до партиска инфилтрација и инструментализација, но мислам дека така во преголема мера се дискриминираат граѓаните што се членови на политички партии и се лишуваат од нивниот удел во борбата за нивните права како граѓани. Но дали единствените опции се или да се дискриминираат граѓаните кои се членови и симпатизери на политички партии или да се изложи на ранливост граѓанската иницијатива преку нивното вклучување?
Мислам дека не. Но, за да не биде така, потребно е да се преобмисли категоријалниот апарат со кој се оперира. Видовме дека т.н. граѓански активизам е далеку од она за што се претставува. Се разбира, постојат многу граѓански активисти кои влегуваат со чесни намери во борбата и кои не сакаат да извлечат каква било лична корист од сопствениот ангажман. Го оставаат срцето на улиците и горат колку што можат и не можат. Но, дефинитивно, не се сите од тој калибар. Имало и ќе има и граѓански активисти кои се и добро платени за својот активизам и кои своето учество на протестите го гледаат како „билдање на ЦВ-то“. За кога ќе дојдат „нашите“ на власт сето тоа да го материјализираат.
Не само неточно, туку и со негативни реперкусии во практиката е спротивставувањето на граѓанскиот наспроти партискиот активизам преку категориите добро/лошо, чесно/нечесно, алтруистички/егоистички и слично. Мислам дека далеку посоодветно е да се размислува не во категориите на поделба на политичкиот активизам на партиски и граѓански, туку според идеолошки милјеа. Милје, лабаво дефинирано, претставува средина, круг, мрежа на лица кои споделуваат исти или слични општествени и политички вредности. Социолозите сигурно би можеле подобро да го дефинираат тоа, но главната поента која овде е важна е следната: припадниците на исто милје не мора да се согласуваат со сè меѓусебно и не мора да припаѓаат на иста структура внатре во милјето за да бидат припадници на исто милје. Конкретно, тоа значи дека припадници на исто милје се и оние што се членови и оние што не се членови на партијата/партиите од тоа милје, односно дека во исто милје има и партиски и „граѓански“ активисти. Некои припадници на милјето се радикално против партискиот ангажман, а некои почнале како „граѓански“ активисти па потоа станале партиски активисти. И не е тоа ниту толку страшно ниту толку чудно, ако се имаат предвид постоењето на идеолошки милјеа. Имено, не ги предале тие принципите па да се фрла со дрва и камења на нив. Она за што се залагале, продолжиле да го застапуваат. Нема промена на вредностите, туку само на обликот на политички ангажман. Се разбира, кои се вредностите кои ги застапуваат е друго (иако доста важно) прашање.
Во Македонија го има либералното милје, националистичкото и левичарското милје како најмладо временски. Граѓанските протести против власта на ВМРО-ДПМНЕ ги организираа и на нив учествуваа припадници на либералното и левичарското милје. Не беа сите тие членови на партии, но беа (свесно или несвесно) припадници на едното или на другото милје (националистичкото милје речиси целосно беше пасивно кога станува збор за протестите против власта на партијата од своето милје). Многу често либералите ги „превеслуваа“ левичарите кои често забележуваа како многу брзо по почетокот на протестите либералните граѓански активисти ги ставаа под контрола протестите. Но, размислувајќи во категоријалниот апарат на граѓански и партиски активизам и не можејќи да идентификуваат контрола од некоја политичка партија, левичарските граѓански активисти беа немоќни да го лоцираат проблемот, а камоли да му се спротивстават. Истото се повторува и при гласањето на избори. Додека либералните граѓански активисти немаат проблем да гласаат за партиите од своето милје (без разлика колку да не се согласуваат со некои нивни конкретни потези), за левичарските граѓански активисти е голем баук да гласаат за партии од нивното милје. Тие се непартиски активисти, нели? Па така се случува најголеми жртви на либералната концептуализација да бидат не самите либерали, туку левичарите, често убедени во својата идеолошка супериорност во однос на либералите.
Да не должам. Поентата ми е следната. Слепото држење до концептот на граѓански наспроти партиски активизам доведува до можност за хегемониско ставање под своја капа на иницијативи и структури во кои учествуваат припадници на повеќе идеолошки милјеа од страна на она милје кое е нумерички и идеолошко посилно. Во Македонија левичарските активисти претрпеа бројни „превеслувања“ од либералните активисти, меѓу другото и поради слепото држење до категоријалниот апарат на нивните либерални сојузници во борбата. Не дека треба целосно да се отфрли дистинкцијата помеѓу граѓанскиот и партискиот активизам. Но, тоа треба да се контекстуализира и со земањето предвид на поделбата на идеолошки милјеа. Некогаш е правилно да дојде до заедничка акција на припадници на левичарското и либералното милје. Некогаш, пак, тоа е голема грешка. Но, кога ќе дојде до заедничка акција, да не продолжуваме и понатаму да паѓаме на евтината идеолошка приказна за граѓанските наспроти партиските активисти и на тој начин да дозволуваме инфилтрација и инструментализација за цели и вредности кои не се наши.