Градските избраници – во фабриките

„Советниците да имат увид во условите за работа во фабриките“ – побара носителот на советничката листа на Левица за Штип, Борислав Крмов.

Политичката партија Левица – единствената партија која ги поставува работничките права и социјалната правда како јадро на својата политичка програма – најави дека по влезот во Советот на Општина Штип ќе покрене иницијатива за формирање Комисија за следење на состојбата со кршење на работничките права. Повикувајќи се на статусот на „народни избраници“ на советниците во општината, од Левица инсистираат дека тие имаат право и должност да влезат во фабриките и да ја согледаат состојбата во нив, по што би требало да се изготви општински извештај за истата. Потребата од ваков ангажман на градските советници станува особено нагласена со оглед на летаргичноста на Државниот инспекторат за труд. „Ако не добиеме поддршка од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, секој советник од Левица сам ќе оди по фабриките“ – велат од Левица.

Левица на овие избори во Штип настапува со своја советничка листа и програма која предвидува мерки насочени кон унапредување на работничките права и социјалната правда, како и создавање градска инфраструктура насушно потребна за сите жители на градот. Распишување референдум за формирање солидарен фонд за помош на болните од тешки и ретки болести; основање на ново јавно претпријатие „Топлификација Штип“ кое ќе ги користи топлотните извори околу бањата Кежовица и ќе обезбеди евтино парно греење за секој дом на територијата на општина Штип – ова се дел од мерките што Левица ги предвидува во својата програма за локалните избори во Штип.