Арсовски: „Собранието да ја пресретне одлуката на ЕУ за вклучување на бугарските услови во преговарачката рамка“

„Во отворено писмо Институтот за европски политики од Скопје и други невладини организации од регионот предупредуваат на опасноста Европскиот парламент да изгласа резолуција, во која би се вметнале и уцените од Бугарија кон Македонија. Тоа би значело легализирање на геноцидните бугарски критериуми за бришење на македонскиот идентитет, јазик и историја, што е преседан од невидени размери. Поради тоа, граѓанските организации, експертите и невладиниот сектор бурно реагираат. Но, недостига соодветна реакција од државата и надлежните институции.“ – вели Сашо Танески во својата анализа со наслов „Се подметнува кукавичино јајце пред Европскиот парламент“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Ќе станат ли бугарските уцени дел од преговарачката рамка?“

Таневски пишува: Европскиот парламент наскоро ќе гласа за резолуцијата за Извештајот на Eвропската комисија за Македонија за 2021 година, во која се внесени и бугарските условувања. Ако биде усвоена оваа резолуција, тогаш и официјално стратегијата на Софија за бришење на македонскиот идентитет, јазик и историја станува дел од преговарачката рамка. Тоа е преседан од невидени размери кога станува збор за европските принципи и практики. Европа, која е основана врз принципи на демократија, слободно владеење, почитување на мултикултурализмот и различностите, со можно прифаќање ваква резолуција легализира геноцидни критериуми, на кои Македонија треба да се согласи, ако сака да стане дел од европското семејство.“

„Со отворено писмо реагираа Институтот за европски политики од Скопје и други невладини организации од регионот, кои предупредуваат на сите прекршувања на европските принципи. Во писмото ги повикуваат европратениците да размислат за делови од резолуцијата и, како што велат, условите поставени од Бугарија, што ќе имаат негативни последици за македонскиот идентитет, поддржувајќи го ултиматумот што Бугарија ѝ го наметнува на Македонија, користејќи го членството во ЕУ како алатка.“

„Институциите во Македонија молчат. На содржината на резолуцијата треба да реагираат и Парламентот, Владата, Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања, но од таму засега нема реакции. Дали институционалниот молк значи и премолчена согласност со планот на Брисел, само за да се започнат пристапните преговори, иако тоа во пристапниот процес ќе води кон нови и нови бугарски условувања?

„Ако оваа резолуција помине во Европскиот парламент, тогаш е беспредметно Македонија воопшто да започнува преговарачки процес со ЕУ, кога се знае дека на крајот во неа ќе влезе целосно обезличена, односно како територија без народ.“

Амбасадорот Љупчо Арсовски вели: ‘Институциите треба веднаш да реагираат. Доцна ќе бидат реакциите кога ЕП веќе ќе ја усвои таа резолуција. Треба соодветните тела на нашето Собрание да заседаваат и да ја пресретнат одлуката на ЕУ да ги вклучи бугарските услови во преговарачката рамка“

Текстот е превземен од: Нова Македонија