Сто дена здружена самотија – првите денови на владата на Заев

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Селото Макондо, во делото на познатиот социјалист и писател Габриел Гарсија Маркес Сто години самотија, беше место на  затворен круг од кој не можеше да се избега, егоцентричност на генерациите, неспособност на елитата да најде љубов и разбирање. Макондо е село на уништувањето и пропаѓањето поради алчноста. Макондо е село на самотијата. Е, таква е и денешна Македонија. Како и во романот, каде има смена на седум генерации од семејството Буендија, претходните генерации владетели не беа водени од визија за солидарност и заедништво, но беа во осама, изолирани од својот народ и неговите болни крици за помош, за спас од тонењето, за спас од губењето работни места, за спас на фабриките, за спас на нивниот имот граден во бившиот систем. Секој градеше свои замоци, секој приграбуваше од богатството на народот, тие станаа модерната аристократија што немаше никави културни вредности, а немаше ниту визија за подобро општество. И сите заедно тонеа и ги јадеа мравки.

 

Пред Владата на Заев

Максимумот на оваа самотија е власта на Груевски и неговата компанија – суштински од 2006 година до 2017 год, со замената со владата на Заев. За нивното владеење може да кажеме дека сме среќни што заврши, што отвори прозорец да влезе чист воздух, да се проветриме. Јасно е дека за да ја оцениме новата влада на Заев треба да појдеме од анализа на старата од 2006 година. Такви анализи дававме во разни пригоди. И не само анализи (прочитај): протестиравме заедно против полициската бруталност по убиството на Мартин Нешковски, протестиравме против ревизионистичкиот проект за Скопје, па се до отвореното учество во протестите против Претседателот Иванов во април 2016, се разбира гордо со црвените знамиња. Излишно е да го трошиме уште просторот со поранешниот гнил режим на Груевски.

 

Економијата е мајката

Да започнеме со најважното за карактеризација на првите сто дена на владата на Заев – економската политика. Не веруваме дека за само три месеци може да се исправат сите неправди и лоши политики и стратегии односно отсуството на стратегии. Но тоа што треба да го очекуваме е назнака за промена на политиките и кршење на мразот. Ќе се задржиме на, според нас еден од индикаторите на економската политика на новата власт, концесиите за експлоатација на рудни богатства. И како шлаканица го добивме одговорот од Претседателот на Владата:

„Нема поважно од животот и здравјето на граѓаните. Апсолутно државата е подготвена да се откаже од свои приходи во буџетот или било што друго наспроти животот и здравјето на граѓаните. Она што е по закон и Устав ќе биде постапено во интерес на сите, пред сѐ на граѓаните, но секако тука е интересот на инвеститорите кои добиле договори за концесии за геолошки истражувања или експлотација на минерални суровини. Јас сум убеден дека може да се најдат решенија пред сѐ во интерес на граѓаните, а потоа и на инвеститорите“, (наше подвлекување) рече тогаш Заев.

Можеби е несреќна формулација, но изгледа дека Заев смета дека интересот на инвеститорите е против животот и здравјето на граѓаните, за што како комунисти се сложуваме, но понатаму сметаме дека застанување зад интересите за профити на инвеститорите е надвор од  здравиот разум.

Пред и по – рудник со отворен коп
Пред и по – рудник со отворен коп

 

Згора на тоа, неговиот министер за економија, Крешник Бектеши испрати писмен одговор, што се разбира значи внимателно избрани зборови, што не се вадат од контекст. Имено: „Во законот за минерални суровини како и во законот за концесии и јавно приватно партнерство нема основ за едностран раскин на договорот за концесија од страна на концедентот односно Владата на РМ поради реализиран референдум или пак граѓанска иницијатива против започнувањето со експлоатација на веќе доделени концесии за експлоатација на минерални суровини. Во насока на конечно решавање на ова прашање, Владата на РМ како концедент, заедно со Министерството за економија во соработка со сите засеганати страни, ќе треба најпрво да обезбеди стручни мислења и анализи, а потоа да се изнајде решение во рамките на законот“, стои во дописот од министерот Бектеши до  градоначалниците од Југоистокот. (извор Сакам да кажам )

Сосема е наивно да мислиме дека само затоа што Заев живее во Струмица нема да дозволи да се изгради потенцијално штетен рудник во регион планиран за земјоделство. И сосема е јасно дека конците во економијата ги влечат истите луѓе како и во претходниот „режим“. На пропаднатиот референдум во Валандово и Босилево, новата власт не спречи фраглантно мешање на странска држава, Украина, при тоа добро познавајќи дека зад сета ујдурма бившиот македонски амбасадор, бившиот министер во владата на Груевски и дел од пилињата на Ѕинго, Ацо Спасеновски (извор  Нова ТВ )

Општини каде се планираат рудници со отворен коп
Општини каде се планираат рудници со отворен коп

 

Да повториме: станува збор за наследен проблем за дадени концесии за рудници со кои целосно се преобразува источниот дел на Македонија и стратешки се насочува од земјоделски регион во рударски регион. Заклучуваме е дека ниту Заев како претседател на Владата ни Бектеши како министер за економија не излегоа со јасен одговор и решение за политиките. Тие наместо матни политикански пазарења со новинарите и немоќност на системот требаше да кажат дека имаат стратегија за промена на економијата во тој дел кон рударство или не. За жал, тие покажаа само заедничка ретардираност (со задоцнување бараат анализи) и импотенција (оти не се моќни да направат ништо во својот домен колку и колкумина да се против).

Продолжуваме во сферата на економија, но сега за најавените измени за минималната плата. Нормално е дека се радуваме што еден мал дел од работниците ќе добијат зголемувања во нивната плата со предложените измени. Тоа е за поздравување. Прво, ставот на марксистите е дека поимот за минималната плата, како и подобрувањето на демократските права, е отстапка на капиталистичката класа за да не дојде до бунт или востание на работниците, па државата го спроведува по заповед на богаташите. Секоја минимална плата на ниво на држава е последица на недоволниот притисок на синдикатите и губењето на класната свест. Навистина, потребни се само колективни договори и вистински синдикати со изразена политичка волја т.е. политичка партија. Минималецот на ниво на држава не смее да се одредува како бројка од лотарија туку по формула во сооднос со потрошувачката кошница. Значи, апсолутно го сметаме за научен дилентатизам поставувањето на нивото на минималец на 12 илјади или 16 илјади ако тоа не е удел од потошувачката кошница од 33 илјади денари. Наместо тоа ние бараме минималниот износ на нето месечната плата да биде две третини од месечната „синдикална“ кошница. За критика е сепак политичката стратегија за државно загарантираната минимална плата – зголемувањето ќе го обезбедува државата во првиот преоден период, т.е. тоа е еден облик на, ненужно лоша, социјална помош, но доколку се погледне состојбата на сопствениците на овие немизерни фирми ќе сфатиме дека тие далеку од тоа дека преживуваат. Владата со ова покажа неодлучност да се справи и расправа со газдите кои им ги кратат правата т.е. платите на вработени заради своите луксузи. Тоа е лош сигнал за синдикатите, дека Владата нема да биде на нивна страна и дека ќе мораат самите да водат битка со работодавачите.

 

Сметаме дека е исправен ставот за намерите на Министерството за финансии изразен во медиумите за промени на даночната политика. Секако дека мора да се обезбедат друг тип на полнење на буџетот на државата, а не со сегашниот ДДВ ориентир, а еден од нив е враќање на прогресивното оданочување и други директни даноци и нивно развивање. Им посакуваме успех во борбата со своите колеги од владината коалиција кои не ги делат овие визии. Како критика со поддршка единствено би ги истакнале посочените висини на стапките (според нас 18 отсто е премала) и малубројноста на стапките (само две, наместо барем 4), при што бараме нула стапка до одреден износ за ослободување на најзагрозените слоеви.

Чекор за поздравување е и политика на влада на Заев кон стечајните работници, како и планот за работа во две смени во градинките и јавните претпријатија.

Не смее да го заборавиме бизнисменот во владата на бизнисменот и социјалдемократ Заев, Кочо Анѓушев. Овој човек кој се збогати со трудот во енергетскиот сектор во претходниот „режим“ сега е задолжен за новиот Закон за енергетика, „чија цел е подобрување на  севкупната состојба на уредување на односите во енергетскиот сектор и јасно ќе бидат определени правилата за сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија“ (во соопштение од Кабинетот на тн вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев). Нешто поконкретно не знаеме, освен дека „Владата не одлучува за цената на струјата“. Овој пат, нивната импотенција да се спречи порастот на цената, е поради нивната ненадлежност. Вината пак ќе биде кај Регулаторната комисија, како што тврдеше и претходната влада на Груевски. Она што се премолчува во енергетскиот сектор е магичниот збор либерализација. Кратко и јасно, отворањето на пазарната економија во овој сектор нужно значи пазарно формирање на цената на струјата, односно хармонизација со европските цени. Според тоа воведувањето на евтина тарифа за периодите од 14 до 16 часот нема да биде бенефит доколку се зголеми цената на струјата.

Кога сме веќе кај либерализацијата, таа се најавува како спас на железничкиот транспорт (извор Слободна Европа ). Во текстот се заговара отворање на услугите според пазарната волја, која ете во Македонија ќе донела прогрес според нив, експертот за железничкиот сообраќај, Дејан Трпевски. Но, овој господин по некоја случајност е директор на Локо-транс Скопје, партнер фирма на чешка фирма која има огромна придобивка ако се дозграби до македонската железница. Инаку како за белја Локо-транс е фирма миленик на претходниот режим или според зборовите на Груевски „Компанијата … планира во Македонија да вложи 20 милиони евра. Груевски покрај оваа најави уште три странски инвестиции со што ќе се креираат 1.300 нови работни места“.  (извор Сител ТВ ) Инаку во Европа, борбата на работничките движења и партии се води за ренационализација на приватизираните железници.

 

Вистина е дека новиот режим на Заев е продолжение на економскиот режим на Груевски, со или без ДУИ. Единствена светла точка може да биде дека новата власт нема да има толку корупција и криминал зад себе. Тука доаѓаме до наредната точка – правдата.

 

Правдата е слепа, навистина слепа

Прикаската на која се возеше СДСМ и другите опозициски партии беше борбата против корумпираноста на државните институции. Евиденција за тоа постоеше и формално, иако не треба анализи за да знаеме дека не само што постои корупција, туку и дека се безобразно корумпирани. Веднаш помисливте на ВМРО. Но погрешивте. Сите што имаат некаква функција, и од едните и од другите, а се разбира и оние ситни партии сончогледи. И Заев во Струмица, и Циц во Куманово, како единствени упоришта на СДСМ во локалните власти, и ДУИ и ДПА.

И добро, дали некој нормален смета дека од благо корумпирани може да се очекува дека ќе ја намалат корупцијата, а тоа да не биде ситнобуржујски реваншизам? Па, корупцијата е инхерентна особина на општество со ниво на стопански развој од пред 30 години, со системска невработеност и со идеали за слободен пазар во кој секој може да стане богаташ ако е доволно паметен да ги згази другите.

Да очекуваме дека во наредниот период власта ќе ја насочи својата полтичка волја и активност против сваровски судството и дека ќе направи и повеќе од можното да изврши длабоки реформи во целокупното судство. Тоа ќе ја намали корупцијата, ќе прати во затвор на неколку години неколку криминалци од висок ков, а нема да врати ниту денар од украдените пари на народот.

 

Шеќерен не е патот до Оз, но до НАТО е гнојав и крвав

Не може да пишуваме за секоја владина мерка во овој круцијален период од три месеци. Вообичаено секоја радикално нова власт овој почетен период го користи да спроведе дел од своите радикално нови, не толку разбрани, тешки и непопуларни политики и да го трасира патот за стабилизација во подоцнежниот период. Токму таква политика за тешка промена е агресивната пронатовска тактика, за која е задолжена една од најважните личности воопшто од македонската политика и СДСМ, Радмила Шеќеринска. Местото која таа го води како одличен електроинженер според диплома, е Министерството за одбрана. Логиката е дека таа има најголем политички багаж и дека може да придонесе во забрзаното припојување кон НАТО пактот. Несомнено дека тоа е најголем приоритет на Владата (заедно со приклучувањето кон ЕУ), не навлегуваме дали е тоа исправно или поинакво од претходниците. Дека се покажа како добар стратег во претходните мандати, ако ја вреднуваме според целите која ги имаше поставено, другарката Шеќеринска е на граница на губитник и „што мајка бара уште во политика“, но кадровскиот капацитет не е нешто што треба да се земе предвид при вреднување на новата влада.

 

По растурањето на Варшавскиот договор, во кој главен збор имаше Советскиот сојуз, требаше да се растури и нивниот ривал, воената организација на Северниот Атлантик. Во тој период по 1991 година, НАТО се реформира во пакт за освојување на териториите до Русија и сведување на нејзината сфера на влијание на минимум. НАТО пактот е истурена единица на американскиот империјализам, но и е смеша на британското и германското влијание и се помалото француско. Задачите на пактот се агресивни – интервенцијата во Босна и Херцеговина, од бомбардирањето на Србија и Црна Гора (и окупирањето на Косово), преку насилното заземање на Авганистан и неспособноста за воспоставување мир, до крвавото замешување во Либија. Иако е најсилен милитаристички комплекс, НАТО пактот не обезбедува мир и просперитет. Од друга страна, Грција и Турција иако се обете членки, немаат соработка и многупати имале воени покрај политички конфликти. Во конфликтот во Сирија, при соборувањето на рускиот авион од страна на Турција, Русија презеде активности при што високи претставници на НАТО веднаш ја предупредија Турција дека нема во тие околности да го почитуваат членот 5 (за помош од другите држави членки на НАТО), а турската дипломатија мораше да бара извинување.  Од друга страна, постои забрана за интервенција на НАТО во внатрешните работи, нереди, бунтови и сл. на земјите членки. Ете, сите аргументи за членство на државата Макеоднија во НАТО се побиени.

Сепак Никола Димитров, сега министер во владата на Заев, се поклони на НАТО сојузот и му вети испраќање на уште повеќе македонски војници за негов интерес.  Ама Македонија испраќаше војници цо Ирак, Авганистан, Либан, Босна и Косово, а при тоа не доби ништо позначајно. Како што пренесува СДК, „Димитров најави дека за да го заслужиме членството во НАТО ќе го зголемиме за 20 отсто учеството на нашите војници во мировните мисии, а ќе се зголемат и средствата од буџетот за министерството за одбрана.“

Освен тоа заборави да каже дека треба да плаќаме за да бидеме полноправни членки, а оружјето што ќе го купуваме мора да биде американско. Ем, данок во крв, ем арач, Целниот процент на воени трошоци од буџетот се 2% од БДП за сите членки на НАТО пактот, а ова ќе стане посилен критериум во следните години поради инсистирањето на Трамп. Тоа значи дека Македонија од сегашниот 1 отсто ќе мора да издвојува дополнително 100 милиони долари годишно. Бидејќи Владата најави кратење на буџетот, а не се ни предвидува раст на економијата, претпоставуваме дека ќе се крати од здравствениот сектор на буџетот, затоа и велиме дека патот кон НАТО ќе биде со гној – со болести дома.

Авантурата на Заев со потпишувањето на договорот со Борис Борисов од Бугарија беше првенствено да се побара помош од бугарската држава за евроатлантските заложби. Ако националистичките критики се однесуваат за некакво непризнавање на македонскиот јазик или народ, што е сосема погрешна позиција, нашата критика е затоа што овој сојуз на хартија не придонесува до зближување на народите на двете држави и економски просперитет. Тој има само формална природа, па дури и штетна ако значи оддалечување од балканска царинска унија и интерграција на себе сличните стопанства за заеднички развој со соработка, а не натпревар, како што е сега.

Заедништвото на СДСМ и ДУИ е од интересна опортунистичка природа, а не идејна. Овој договорен брак е брак на уцени од самот почеток. Почетната теза за самотијата на владата се огледува како одвојување на политичките елити на СДСМ и ДУИ со сателитите од реалните потреби – за подобар живот на обичниот човек, за развивање на културата на соработка на обичните луѓе и промена на курсот од претходниците за трупање на богатството во своите кругови. На крај, неминовен заклучок е дека владата на Заев нема да ја промени насоката на движењето на општеството. Наместо тоа, ќе продолжи периодот на разочарување, бунтови, нестабилност, период на непредвидливи конјуктури, неприродни коалиции.

 

автор Александар Атевиќ

преземено од Нова Искра