Цветанка „Касандра“ Ласкова

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Во пауза помеѓу емитирање на две турски серии беше објавена веста дека некогашната пејачка и претседателка на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова, е унапредена во специјален советник за култура на премиерот Зоран Заев.


Оваа вест можеби и немаше да предизвика толкаво внимание да не се работеше за личност со несомнено сомнителни уметнички вредности и критериуми.


Ласкова, естраден уметник со слаб капацитет според познавачите на музиката, својот најголем хит го испеа во дует со сега покојниот Јанко Узунов, додека пак нејзината соло кариера не памети некои особени дострели. Професионално докажана како менаџер – што е сепак недоволно за вршење функција на „специјален советник“, што и да значи тоа?!


Впечатливо, врв на популарноста Цветанка дожувува со увоз на латиноамериканската серија Касандра, која ги опчинува гледачите дотолку што самите се ставаат во приватен ментален затвор, заборавајќи на вистинскиот свет околу себе. Во деведесетите години на минатиот век, Ласкова како прекупец и дистрибутер на оваа ефтина сапуница, во трка за профит, заборава на добриот вкус и чувство за квалитет. Земјата беше во транзиција, но сепак се појави спас! Во Касандра! Урбаните легенди кажуваат дека во поедини мали места во време на прикажување на култната серија се затворале продавниците, а на улиците немало жива душа. И тогаш, Касандра, со посредство на сегашната специјална советничка, дојде во Скопје. Опиените народни маси во наплив на емоции и хистерија ја дочекуваат омилената Касандра и нејзиниот љубен Ранду на градскиот стадион каде се случува настанот на деценијата. Еуфоријата која што ја предизвика омилената хероина не може да се спореди со ниеден друг настан, па дури ни со со неодамнешните избори и промената на власта. Евентуално со фудбалскиот дуел Реал Мадрид-Манчестер Јунајтед кој ќе се оддржи утре во Скопје. Но, се сомневам!


Теленовелата без вредност, шунд, кој штетно влијае од многу аспекти врз поголем дел од популацијата — особено врз оној дел кој не може критички да погледне на значењето на овој вид (хипер)продукција. Лажната фасадата на раскош, романтика, емоции, меѓучовечки конфликти и семејни трагедии не дава ништо за паметење. Гледачот приказната ја впива директно, голта без размислување, без било каква длабочина. Овој опиум за масите, ефтина и долготрајна забава го изместува гледачот од реалноста, нудејќи му субститут кој кореспондира со неговите инстантни потреби, без вкус и мирис.


После Касандра веќе ништо не беше исто. Благодарение на сегашната советничка за култура, Македонија стана оаза за неквалитетни, површни, приземни и бајати серии со кои се навредува интелигенција на гледачот. Да, лесно е да се рече доколку не Ви се допаѓа променете го каналот. Но, и на другиот ќе налетате на серија од ваков формат!


Затоа логично следува прашањето: за што ќе го советува Ласкова премиерот? Нека е со помин!