МЗТ Леарница

МЗТ Леарница, од 19 Јануари 2017, официјално е во стечај, а нејзините работници се на улица и без леб. Скоро цела година работниците на Леарница се спротивставуваат на континуираното уништување на фирмата, на тоталната девалвација на нивниот труд, како и на нарушувањето на основното работничко и човечко достоинство.

 

Непродуктивноста на Леарница не е причина за нејзиното заминување во стечај. Од 1990-тите, кога многу државни фирми како МЗТ отишле под стечај, МЗТ Леарница продолжила со својата продуктивност, а работата течела непрекинато. Еден од работниците вели дека „МЗТ Леарница е најпрофитабилниот погон од поранешниот Металски Завод Тито, кој во најкризниот период од 90-тите години, па сè до сега нема прекинато со работа. Со 400 вработени во 2006 и стари машини фирмата успешно опстојуваше, а сега со 200 вработени и нови печки и машини, велат дека не била ликвидна.“, додека според друг „Од 1998 не се случило да немаме доволно работа, секогаш сме работеле со полн капацитет во три смени. Сме работеле и по две смени прекувремено (16 часа) и шест дена во недела, што значи дека не можело да се постигне. Имало побарувачка и профит.“

 

Квалитетното производство овозможило континуиран извоз на 95% од пласманот на пазари како Холандија, Германија и Италија. Работниците со свои очи сведочеле како од Леарница дневно излегуваат камиони натоварени со производи во вредност помеѓу 20000 и 60000 евра (додека 70000 евра се доволни да се исплатат месечните плати за 200 работници).

Зошто, при една ваква профитабилна дејност, токму на работниците (кои се заслужни за создавање на оваа огромна финансиска придобивка и тоа при изложеност на крајно штетни материи на работното место и катастрофални услови за работа) не им се исплатени по 12, а на некои дури и по 15 плати и придонеси? Зошто сметката на фирма со толку голем профит, а мали трошоци, беше блокирана поради неподмирени трошоци подолг период изминатата година? Зошто во стечајната постапка се тврди дека фирмата 10 години работела во загуба?

 

Одговор на овие прашања нема за работниците, кои се оставени сами на себе, без пристап до институционална, правна, советодавна, материјална, или пак симболичка поддршка.

 

Положбата во која се наоѓаат работниците на МЗТ Леарница на моменти потсеќа на положбата во која се наоѓаа работниците на грчката компанија Вајом во 2011, за време на една од најголемите економски кризи на Грција. Вајом, компанија која произведуваше хемикалии, требаше да се затвори. Шефовите одамна ги имаа напуштено своите работници, а институционална помош не можеше да се најде. Работниците ќе останеа без работа, а во една таква економска ситуација, шансите да се најде нова работа беа скоро непостоечки.

 

Но, наместо да останат без работа, работниците направија подвиг кој ретко се зборува во популарните медиуми. Тие ја заземаа фабриката, заедно со сите направи што таа ги поседуваше, ја заменија хиерархиската со хоризонтална структура, ги изедначија платите на сите и продолжија да работат. Денес тие произведуваат сапуни и детергенти кои ги продаваат на луѓето кои живеат во околината, со чија помош успеале да ја заземат фабриката.

 

Случајот со работниците на компанијата Вајом не е единствен. По светската економска криза од 2008, вакви преземања се случија и во Франција и во Аргентина. Вајом не е ни единствен пример за успешно раководење на задруга. Во Шпанија, задругата Мондрагон постои веќе 60 години, брои над 70000 вработени, и покрај одредени проблеми (експлоатацијата на работници во Јужна Америка, чиј број расте) кои нужно настануваат кај компании кои функционираат во капиталистички услови, може да се каже дека Мондрагон е релативно успешна компанија.

 

Условите во кои се наоѓа МЗТ Леарница не се идентични со условите во кои се наоѓаше Вајом. Разликите помеѓу двете се евидентни, но не може да се занемари и фактот дека, исто како и Вајом, работниците на МЗТ Леарница остануваат без опции. Дали, во недостаток на секаква поддршка и исцрпување на сите вообичаени опции за решавање на проблемот во рамките на системот, тие ќе превземат чекор каков што презема Вајом? Доколку ситуацијата продолжи да се развива во насоката во која што се развиваше досега, преземање на фабриката може да стане единственоте можно решение за работниците на МЗТ Леарница. Евентуалниот успех на работниците во колективното присвојување на производните капацитети и нивно ефикасно користење за производство од кое придобивките ќе бидат исто така рамномерно распределени за доброто на сите вработени, би значело и огромно охрабрување како за останатите работници кои се под сопственички јарем така и за политичките работнички движења во борбата против експлоататорскиот економски систем.