Макрон и цивилизациските проблеми на Франција

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Емануел Макрон, претседателот на Франција или Џастин Трудо 2.0. Еден од оние популарни ликови кои го спасуваат светот од екстремната десница и левица, со прогресивни гледишта согласни со 21 век. Нормално како дел од „прогресивната“ политичка сила тој даде негов увид во тоа кои се проблемите во Африка: „Предизвиците во Африка се сосема различни… Тие се цивилизациски. Кои се проблемите во Африка? Неуспешните држави, комплексната демократска транзиција, демографската транзиција…”.

И тука, делот прогрес од зборот прогресивен умира, што е нормално за политичар кој се декларира како либерал. Како прав либерал, Макрон одлучи да биде „либерален“ околу толкувањето на историјата и фактичката ситуација и онака „либерално“ да се врати во 19 век. Дури и да му е место на претседателот на Франција да коментира околу демографијата на Африка, тој нема некаква статистичка поддршка за неговите тврдења. Со исклучок на неколку региони, наталитетот во Африканските земји не отскокнува значајно од светскиот просек. Но, коментарот за демографијата не е тоа што ме погоди толку многу (со широко распространетиот расизам на светско ниво стана прифатливо неосновано да генерализираме работи). Сите ги знаеме предрасудите кои се создадени по медиумите (муслиманите се екстремисти и терористи, африканците имаат по 15 деца и се сиромашни и слично). Големо лицемерие е тоа што претседател на Франција се дрзнува да зборува за неуспешни држави и демократски транзиции покрај тоа што во 2008 поранешниот француски претседател Жак Ширак кажа: „Без Африка, Франција ќе стане земја од третиот свет”.

Франција, како колонијална сила, владеела со северниот, западниот и централниот дел на Африка од 1830-тите до 60-тите години од минатиот век. Тој долг период бил исполнет со експлоатација на природни ресурси и луѓе (кога велам луѓе, не мислам само на експлоатација на човеков труд, туку и на робовладетелство – да не заборавиме дека Франција, Англија, Шпанија, Португалија и други европски земји биле активни учесници во продажбата на робови). На грбот на таа експлатација Франција има пораснато во светска сила – статус кој го држи сè уште. Од тука се појавува прашањето зошто има неуспешни држави во Африка и од каде е таа „тешка“ демократска транзиција.

Можеби целата таа нестабилност потекнува од 67-те пучеви во последните 60 години кои се имаат случено во 26 Афрички држави, од кои 45 се имаат случено во 16-те поранешни колонии на Франција. Можеби таа транзиција немало да биде тешка ако голем дел од тие пучеви директно или индиректно не биле помогнати од западот за да си го задржи влијанието во регионот.

Во овие турбулентни времиња, исполнети со бесконечен наплив на информации, медиумите се тие кои го контролираат нивниот тек, па можеби и затоа Макрон тргнува од претпоставката дека е заборавено учеството на неговиот претходник Саркози во „демократската транзиција“ на Либија. Во протечените меилови на Хилари Клинтон јасно се гледа дека Саркози е еден од главите поборници за симнување на Гадафи од власт со надеж дека ќе се остварат главните 4 цели: зацврстување на позицијата на Франција во регионот, зголемување на неговата популарност, обезбедување на либиската нафта и отстранување на влијанието на Гадафи во „франкофонската Африка“.

Има ред други примери за влијанието на западниот свет, а особено на Франција во Африка, но време е да погледнеме еден од главните проблеми на „франкофонскиот“ дел на Африка. Во поранешните француски колонии во Африка се води битка со сиромаштија, глад, болести, недостаток на вода и слични појави. Макрон е во право кога вели дека проблемите во Африка се подлабоки од тоа што беше споменато на Г20 самитот. Тоа што Макрон не го кажа, туку се обиде да го прикрие со навредливи зборови, е дека земјите во „франкофонска африка“ се независни само на хартија. Воопшто не се кажа и вообичано медиумите го игнорираат фактот дека некои од африканските држави и плаќаат колонијален данок на Франција. Во 50-тите и 60-тите од минатиот век голем дел од африканските земји си ја имаат побарано својата независност. Условот на Франција за „независноста“ на тие земји бил потпишување на договор за соработка со кој земјите биле условени да плаќааат колонијален долг (за инфраструктурата која е изградена и слично), да го дадат ексклузивното право над природните ресурси, да даваат приоритет на француските интереси и компании при спроведување на капитални проекти и слично. Но, најголемиот услов кој Франција избегнува да го спомене е дека државите во „франкофонска Африка“ се приморани да ги „чуваат“ своите девизни резерви во француската централна банка под контрола на францускиот министер за финансии. На државите им е дозволено да чуваат само 15% од девизните резерви – сè друго оди во банкарскиот систем организиран од Франција. Како награда за оваа послушност тие ја добиваат својата валута „африкански франк“ кој им го менаџира Франција.

Од тука човек може да си каже дека тие не мораат да го потпишуваат тој договор кој ги обврзува за вакви монструозни услови. Навистина, во историјата има една држава која го има одбиено договорот. Во 1958, Секоу Туре од Гвинеа има одлучено да излезе од француската колонијална империја и да биде независна земја. Француската колонијална елита во Париз станала толку бесна и во историски излив на бес и одмазда, француската администрација во Гвинеја има уништено сè во земјата што претставувало „придобивка“ од француската колонизација. Три илјади Французи ја напуштиле земјата, земајќи го целиот свој имот и уништувајќи сè што не можело да се премести: училишта, градинки, згради на јавната администрација, aвтомобили, книги, медицинска опрема, трактори, kоњи, крави, храна. После ова, ниту една земја се нема осудено да го одбие договорот.

Од сетo ова стигнуваме до прашањето за кои и чии „цивилизациски“ проблеми тој зборува? Африканските лидери кои ги одбиваат наредбите на Франција се или убиени или жртви на државен удар. Оние што ги почитуваат се поддржани и наградени од Франција со раскошен начин на живот, додека народот живее во екстремна сиромаштија и очај. Дали е Африка таа која што има цивилизациски проблеми или остатокот од светот што одбира да мижи и да си ги покрива ушите секој пат кога ќе се споменат маките и неправдите во Африка?

Бранко Ристов