Не „што“, туку „како“

На денот на словенските просветители уште еднаш ја имавме можноста „интелектуалната“ фела на Македонија да ни објасни зошто е важно да си „писмен“ и колку општеството пати од „неписмените“. Од интерес е да се анализира кое е денешното разбирање на терминот писменост и со каква репресивна моќ се има истиот стекнато.

Кирил и Методиј го создале првото словенско писмо, глаголицата, од кое понатаму се има развиено писмото кое ние денес го користиме – кирилицата. Сосем прикладно, кога терминот „писменост“ се употребува на 25 мај, контекстот е правописот, употребата на литературниот јазик и сл. Првиот проблем со кој сме соочени е комплетно незначајната корелација помеѓу писменоста и образованоста која се пласира, и тоа не само на овој ден, со која исказите започнуваат да губат на релевантност доколку тие не се напишани на кирилично писмо или доколку имаат правописни грешки. Се создава грешната перцепција дека „неписмениот“ е „необразован“, па затоа сигурно не знае што збори.

Вториот проблем е во веќе постоечката репресивна моќ која категоријата „необразован“ ја носи со себе. Општеството „одлучи“ дека е прифатливо „необразованиот“ човек да биде и повеќе експлоатиран од „образованиот“. Сосема „е во ред“ чистачката да зема минимална плата, бидејќи се нема стекнато со адекватно образование, без разлика кои биле причините за тоа, и да се занемари трудот кој таа го вложува во текот на денот (иронично, овој аргумент не функционира во спротивниот правец – луѓето чиј труд е најмногу вреднуван се газдите, кои воопшто не можат да се опишат како „нај образованиот“ слој на општеството).

Поради проблемите аргументот да изгуби на релевантност и човекот да е категоризиран во една репресирана група, човекот го префрла своето внимание од суштината на нештата кон изгледот на нештата. Фокусот е на тоа „како“ ги кажуваме нештата, а не на тоа „што“ кажуваме. Ставовите се дискредитираат поради литературни и правописни грешки и ни станува се полесно да ги игнорираме проблемите со кои „неписмените“ и „необразовани“ луѓе се соочуваат, доделувајќи елитистички статус на луѓето кои знаат дека „не знам“ се пишува одвоено. Прашањето кое се наметнува во една ваква ситуација е: колкава корист имаме ние од едно вакво разбирање за писменоста?