Диктатура – Образование – Оставки

Пишува: Ѓорѓи Илиевски
Виш просветен инспектор


Решиле да прават реформи во базичното основно образование, согласно како што велат е дел од Концепцијата од Стратегијата на МОН за 2018-2025 година. Да има потреба од реформи во основното образование. Но, не диктаторски. Како што тоа го прави Мила Царовска.  Реформите треба да бидат осмислени и  темелити. Кога велам темелити, мислам на сеопфатност на целосна снименост на состојбите во базичното основно образование во Република Македонија. Во каква состојба ни се основните училишта во Република Македонија. Така, Мила Царовска  се истрча, дека тоа мора да биде „веднаш и сега“. Никако поинаку. Ќе мора да се спроведе нејзиниот концепт и на неколку т.н. „експерти“ (читај тезгачи- одат таму каде што има пари). Решиле да прават Нацрт концепција „реформи во основното образование по теркот на Финска, Норвешка и други развиени европски земји, со некакво интегририрање на предмети Историја, Географија, Граѓанско образование, Етика… во општествено-хуманитарни науки и  наставните предмети: Хемија, Физика, Биологија се интегрираат во природни науки, како и фузирање на уметничките науки  ликовно и музичко воспитание и образование…“. И како што милуваат да речат „сето ова го прават во интерес на децата“.

Однапред наведените прашања во делот на Нацрт концепцијата „реформи во основното образование по теркот на Финска…“. Царовска, како и т.н.експерти ретерираат во нивните изјави дека не е по Фински, затоа што добија „шамар“ од финските експерти дека наставните предмети Историја, Географија, Хемија, Физика и слично се посебни предмети согласно Наставниот План и Програм, како и од други европски земји. Лагата на Царовска и на овие т.н експерти и оние од Бирото за развој на образование беа очигледни. Што би рекле учениците и студентите:„ Кој лаже, тој и краде“. Па, почнаа да ретерираат, од кога се појавија реакции од еминентни научни стручњаци, институции како што е и еминентниот професор и претседател на  МАНУ Љупчо Коцарев, научните институти по Историја, Социологија, Педагогија од Филозофскиот факултет при УКИМ, како и Сенатот на УКИМ, Универзитетот Гоце Делчев од Штип, разни академски здруженија од Македонија и од странство. Како и од синдикални организации за образование. 

По ова, започнува диктатурата од страна на Мила и нејзиниот заменик-министер (СДСМ-ДУИ), партиските притисоци кон поставените директори и наставници  во основните училишта кои изјавуваат дека „реформите се нужни, посветени ќе се вклучиме во нивната имплементација“. Ќе го коментирам еден директор ( а има и многу други директори) кој вели дека се „принудени да прифатат оти ќе бидат сменети од директорките места“. Е, тоа е нашата вистина и „демократија“. Е, тоа е нашата диктатура -заплашување од страна на овој хибриден режим. Во ова игра се вметнаа и некои академици од МАНУ, како оној Абдулменаф Беџети кој изјавува дека „не се согласува со претседателот на МАНУ во однос на начинот на изучување на предметот Историја“.  Недостоен  е овој академик да го опонира претседателот на МАНУ Коцарев кој е признат и цитиран во многу научни и непрестижни светски научни трудови. Вакви академици како Беџети има купишта. Нека покажи кај е цитиран во неговата економска сфера, ама не во Косово и Албанија, туку во светски рамки. Никаде. Нека одговори: Како и кога е запишан и завршил факултет Зекири генералниот секретар на Владата на Република Македонија. Тоа се случува на неговиот универзитет ЈИЕ-Тетово. Кој со финансиски средства го храни МОН.

                       Интерес на децата

Сѐ во интерес на децата. Ова флоскула ја кажува Царовска, и во таканаречените Нацрт реформи во основното образование. Да, Царовска, само да ве потсетам, жалосно, 40.000 илјади дечиња и повеќе во основното образование немаат елементарни услови да учат ( тоа се званични податоци, незваничните податоци се некаде над 60 илјади деца). Тоа значи дека се без комјутери и без интернет. Со право се реакциите во јавноста, како може МОН да издвојува 40 илјади долари годишно и 150 илјади евра или долари годишно да се даваат на ќерката на Димитров и синот на Локвенец и да каже министерката Цароска дека немаат пари да обезбедат за еден таблет од 50 евра за секој ученик. Ова е спротивно на Конвенцијата за правото на детето, која е потписник нашата држава Македонија. Каде што е најважниот интерес на децата, како и борба против дискриминација.

Се чудам зошто не реагираат невладините организации во Македонија кои третираат прашања од правата на децата. Дали имаме хуманистичко образование, еднаков пристап кон сите деца во Македонија? Владата нема чувство за најдобриот интерес на детето. Тоа е давање можност на елементарни услови на учење на секое дете. Бидејќи ова Влада нема чувство за примена на Конвенцијата за правото на детето, која Конвенција е обврзувачка за државата, а согласно Уставот на Македонија е социјална држава и хуманистичко општество. Ама по се изгледа само на хартија. Во овој хибриден систем.

                           Потрага по новото образование

Реформата на образованието како поим и процес потешко се дефинира и трае подолг временски период. Тоа се должи на фактот дека за појавата на реформата постојат повеќе причини, цели, задачи и обем. На реформата на образованието ѝ претходи преобразување на општеството. Реформата на образованието преставува институционализација на преобразбата на општеството. Во таа смисла, некои стручњаци и експерти наведуваат дека напорите за реформа на образованието се поврзуваат со клучните тенденции на општеството, потребите и предизвиците. Реформата може да се појави и како обид да се решат некои проблеми, тешкотии преку корекции внатре во образовниот систем.

Следејќи ги реформските процеси во образованието во последниве децении кај нас и пошироко, можам да согледам неколку тенденции и пристапи: излез од униформноста на воспитно-образовните институции  – училиштето, кое се наоѓа во криза и поради што некои теоретичари бараат тоа  да се стави под „лупа“. Во одредени услови на реформите им предходи општествен развој, односно одредени појави можат да имаат карактер на нужност со државни инструменти, методи и средства, како што е кај нас, односно власта прави обид да го реформира образовниот систем.

Имено, во име на педагошките тенденции и новини, МОН и другите надлежни фактори го одредуваат, пропишуваат и го уредуваат образовниот систем, без анализи, експертски мислења, без суштинско проучување на проблемите. Согласно предизвиците, новините и потребите направени се обиди за реформирање на образовно-училишниот систем, без навлегување во постојната состојба на општествените односи, со оглед  на другите реформи во општеството. Таков е случајот со  одредување на цената на чинење  на образованието, односно  образованието се вреднува по колективните договори  и степените на образование на наставниот кадар и нивниот минат труд. Постигнувањата, квалитетот, креативното учење и понатаму се маргинализира. Реформи можат да се применат и тогаш кога се сака преку нив, севкупниот систем на образование да се постави на темелите на промените на вкупните општествени односи. Образованието е примарна дејност во општеството -државата. Со други зборови, образованието е ресурс кој создава ресурси за развој, прогрес и иднина на повеќе дејности на човековото дејствување. Повеќе  теоретичари  и експерти образованието го нарекуваат интелектуален ресурс – капитал, за кој е потребно  да се создадат поволни услови и можности за негово сознавање, поимање, збогатување и практикување.

 Од изнесеното произлегува дека во образованието треба да се инвестира, во инфраструктуралната – институционална мрежа, во опремата, со нагледно-дидактички помагала, технолошки средства, информатичка мрежа, наставен кадар со стручна прирачна литература и периодика, иновациони семинари преку кои ќе добиваат лиценца и ќе се потврдува  вредноста на едукацијата и квалитетот на едукациските процеси.

Учениците како учесници, парципиенти и партнери ќе сознаваат и ќе се збогатуваат со нови содржини, знаења, во согласност со нивните психофизички можности и способности, како активни чинители и креатори во процесот на наставата и учењето, за квалитет, соработка и натпревар. Меѓутоа, промени и реформи не се можни без демократија, без демократски процеси и промени, во процес во кој ќе учествуваат сите фактори, вклучувајќи ги и семејствата и родителите. Согласно легислативата и воведената локална самоуправа, децентрализацијата, демократските процеси ќе се практикуваат и во управувањето и во раководењето на училиштето, односно со надлежностите ќе раководат училишни управни и стручни органи, а со тоа политиката, власта и политичките партии ќе бидат надвор од институциите на образованието.

Вреднувањето и оценувањето (интерно и екстерно) треба да бидат во надлежност на независна, стручна и компетентна агенција за вреднување и за оценување, составена од компетентни, стручни и научни лица кои ќе ги оценуваат постигањата и квалитетот на учењето и на наставата – знаењата како интелектуален производ кој ќе добие цена на чинење, како и другите производни дејности. Со ваквиот пристап и начин на вреднување и на оценување ќе се прекршат сфаќањата и убедувањата дека образованието е потрошувачка и товар за буџетот на државата. Напротив, образованието е интелектуален производ со цена на чинење и затоа во него треба  да се инвестира за доброто на сегашните и на идните генерации, како и за доброто на државата, за нејзин просперитет и за европски интеграции.