Доаѓа посветла иднина?
Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.
Што се случи во Собранието? Оној ден кога сите очи беа вперени во него. Кога одненадеж таму се одигра кулминацијата на политичката криза. Сите втренчено го пратевме развојот на настаните. И „знаеме“ што се случи. Иако, она што точно се случуваше позади сцената можеби уште подолго време нема да го дознаеме. Дали развојот на настаните таа долга вечер беше унилинеарен? Односно, дали од почеток можеше да се предвиди како ќе заврши или беше можен и сосема поинаков крај?
Она што може со голема доза на веројатност да се претпостави е дека и едните и другите, барем начелно, знаеја што планира другата страна. ВМРО-ДПМНЕ знаеше дека набрзо ќе се направи обид да се избере претседател на Собранието, СДСМ и албанските партии знаеја дека ВМРО-ДПМНЕ ќе изврши обид за насилно спречување на тој избор, веројатно преку упад на „народот“ во Собранието.
Кога ќе се увиди дека планот нема да успее, тогаш тој се менува. Но, таква проценка не направија ниту едните ниту другите. Очигледно, зашто и едните и другите на почетокот сметаа дека токму нивниот план ќе биде успешен. На крајот се покажа дека планот на парламентарното мнозинство успеа. Иако првично се чинеше дека токму нивниот план пропадна. Наспроти тоа, иако првично се чинеше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, на крајот капитулира. Бидејќи планот на ВМРО-ДПМНЕ не успеа, интересно е околу него да се постават некои прашања. Прво, дали нивниот план беше очајнички обид за кого од старт тие сметаа дека е осуден на пропаст или тоа што го видовме беше план кој во одредена временска точка тргнал наопаку? Второ, ако планот тргнал наопаку, кој беше изворниот план на ВМРО-ДПМНЕ? Дали можеби изворниот план предвидуваше прес-конференција на т.н. претседател на РМ со сосема поинаква содржина? Трето, ако планот тргнал наопаку, тогаш поради која причина дошло до тоа? Дали можеби ретерирањето на Никола Груевски се должи на некој разговор, далеку од очите на јавноста? Што кажале неговите соговорници за еден толку ригиден човек како него да отстапи и тоа при наизглед добиена ситуација? Дил ли е во прашање, конфискација на паричните средства на странски сметки, закана можеби, нешто четврто?
Што и да се случило зад сцената, она што е поважно во моментов е она што ќе следи. Добрите познавачи на македонската политичка сцена веќе од прес-конференцијата на Груевски сфатија дека тоа беше неговата капитулација. При таа капитулација тој дури и „пушти низ вода“ едни од своите најверни следбеници кои за неговите криминали беа подготвени да вршат кривични дела таа вечер во Собранието (патем, замислете како се чувствуваат сега тие лица, во притвор, изневерени од својот пастир). Иако Груевски и претходно знаел да се врати од изгубени ситуации, се чини дека сега ја изгуби војната. И СДСМ, по повеќе од една деценија, повторно ќе биде на власт.
Како ќе владее СДСМ? Дали извлече поуки од своето еднодецениско опозиционерство? Или, горе-долу, ќе владее онака како што владееше до 2006 година? Би сакал да грешам, но мислам дека СДСМ се нема суштински променето во однос на периодот кога беше на власт. И дека борбата против режимот повеќе ја сфаќаа како борба за власт отколку како борба за слобода. Кажувајќи големи зборови и… постапувајќи сосема поинаку. Еве само неколку индиции во таа насока.
Како функционираа режимските медиуми добро знаеме. Но, дали од другата страна имавме објективни и независни медиуми или медиуми потчинети на СДСМ? Длабока почит до оние медиуми и новинари кои останаа до крај посветени на објективното и независно новинарство, но голем дел од оние што се китат со атрибутот независни и критички медиуми никогаш или речиси никогаш не излегле со критичка анализа на СДСМ во последните години. Како тоа? Можеби бидејќи СДСМ се совршени и зашто ниту еден погрешен потег не направиле? Ако вака СДСМ ги подјармил својот дел од медиумите додека беше во опозиција, дали ќе дозволи ослободување од јаремот кога ќе биде на власт? Дали медиумите критички кон власта, ќе бидат критички кон власта и понатаму, или ќе се родат нови Сители?
Загрижуваше и односот на СДСМ кон сите оние што одбија да го признаат неговиот монопол во борбата против злоупотребите на власта. Пиштолџиски, „на прва“, се прогласуваше за одработувач за режимот секој оној што имаше различно видување на работите од СДСМ, па дури и кога бодеше очи фактот дека во никој случај не можеше да се претпостави соработка со режимот. Нему му секнуваше пристапот до медиумите контролирани од СДСМ, а по потреба почнуваа да се шират и лаги и клевети против него. „Малку за Хитлер, малку за Евреите“ – тоа беше синтагмата преку која се бараше апсолутно отсуство на секаква критика и тоа од луѓе кои наводно веруваат во толеранцијата и почитувањето на различното мислење. Ако некој не е подготвен да прифати критика кога не е на власт, како ќе се однесува кога ќе биде на власт, имајќи предвид дека власта знае да расипува, а не да облагородува?
А што да кажеме за маките на работниците? Нас во Левица многу индикативен ни беше еден случај. Работниците од МЗТ Леарница штрајкуваа и протестираа повеќе од два месеци. Како партија на страна на работниците, ние веднаш ги поддржавме и се трудевме да им помогнеме колку што можеме. СДСМ во текот на тие два месеци одржа неброен број прес-конференции, но ниту еден прес не одржаа на кој би им дале барем вербална поддршка на работниците од Леарница. Почнаа да се вртат прашања, дали можеби тоа е поради уделот што Комерцијална банка го има во случајот со Леарница? Ако треба да се земаат предвид интересите на „своите“ бизнисмени, тогаш што останува од залагањето за правата на работниците? Да не заборавиме, СДСМ за себе тврди дека е партија со социјалдемократска ориентација, а за партија со наводно таква ориентација премногу лесно поминува преку работничките права. Или, можеби определбата, искажана во изборната кампања, Стопанската комора, капиталистите, да делегираат потпретседател на владата за економски прашања е индиција дека ќе се води економска политика во корист на работниците и обичниот народ? Ах, да, газдите и работниците имаат исти интереси, заборавив, мои драги „социјалдемократи“.
На последните избори за СДСМ гласаа не само граѓани кои ги сметаа за „помало зло“, туку и граѓани кои веруваа дека тие би владееле суштински поразлично од ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе стават крај на корупцијата и клиентелизмот, дека ќе ја вратат демократијата и ќе го подигнат животниот стандард. И токму овие граѓани ќе бидат доста разочарани ако СДСМ не ги исполни своите изборни ветувања. А ако владеат онака како што владееја до 2006 година, тоа сигурно ќе го направат. Зашто во Македонија не живеевме лошо само во последните 11 години, туку и претходно, кога на власт беше СДСМ. Тоа, пак, што СДСМ никогаш не се има произнесено дека го оценува своето владеење до 2006 година како погрешно или барем со одредени грешки не дава охрабрување дека и сега ќе биде нешто многу поразлично.
Да, новата влада на СДСМ ќе има можност на почетокот со два-три лесни потези (како укинување на екстерното тестирање) да создаде впечаток дека ќе владее суштински поинаку. И, да, ќе го употребува типичниот вмро-овски трик на обвинување на претходната власт за сопствените потфрлања. И, да, ќе има медиуми кои ќе знаат да спинуваат дека се’ е во ред и дека секој ден напредуваме во секој поглед. Но, така не се подобрува животот на обичниот народ.
Повторно ќе нагласам, би сакал да грешам, но мое мислење е дека со новата влада нема да настане ситуација кога ќе биде поразлична од онаа што ја имавме пред 2006 година. Да, за време на ВМРО-ДПМНЕ стана уште полошо, но тоа не го менува фактот дека и до 2006 година не се живееше прифатливо. Ако се успиеме по промената на власта, многу лесно може да дојде до тоа, повторно да живееме онака како што живеевме до 2006 година. Затоа, да не се успиеме! Ако новата власт работи правилно, да ја пофалиме за тоа. Но, ако тоа не е случај, да не заборавиме да ја критикуваме.
Здравко Савески