Овековечувањето на ЕУ стагнацијата го прикрива постојаното распаѓање на општественото ткиво

  • Фејсбук статус на Амар Мециновиќ – Портпарол на Политичката Партија Левица

(јули 2023 година)

Заемното постоење ни се погоди во време кое покрај напредувањето на минутите, часовите и годините вознемирувачки тлее во непроменливост. Времето брза неизбежно да измине и да ја потврди неизбежноста на своето изминување, чекор пред да се наталожи една темпоралност врз друга и да се успори дезинтеграцијата на предиспозицијата, не дозволувајќи ја промената и покрај синтезата на подудирањата. Безуспешно, сепак, за нас – нашите децении се замаглени и претопени во неразличност. Временското движење наместо ритмично да ја создава постојаноста на промената ни укажува на основна реалност која е со непроменлив лик.

Дисонанца. Тврдоглавата стагнација го прикрива постојаното распаѓање на општественото ткиво и влошувањето на околностите кои нѐ згрчуваат во непопустливиот стисок на ‘непремостливите прашања’, како стеги на минатото, сегашноста и иднината.

Големите наративи кои ја пленат нашата колективна свест и ја одолговлекуваат нашата преокупација со нив, се во статична состојба и потполно се отпорни на трансформација. Немарни за напоредното движење во метеж кое води кон повторувачка дистопија со идентичен наслов и различна далечна година.

Насобраната тежина на нерешените предизвици се испреплетува со неостварливите ластари на времето и затоа се наѕираат непоправливи фрактури во општеството поради кои дополнително ќе се тетеравиме на работ на целосен хаос.

Суспензија. Вистинската цел, се чини, не е евроинтеграцијата, туку овековечувањето на оваа суспензија. Периодот на нашата кандидатура ја карактеризираат три историски вистини:

  • дека е почеток на децениите на меѓународни порази и понижувања;
  • дека е повторно време на великодржавни апетити наспроти Македонија и;
  • дека предаторските партии, чувари на гнилиот систем, создадоа привид на европска извесност која можат да ја испорачаат, додека во ротацијата на власт ни се укажува заедничкиот проект за инфицирање на сите структури на моќ и канали на влијание со корупција.

Во овој расчекор на еден чекор до ЕУ, во кој се вложуваат постојано нови инстанци на понижување, имобилизираниот колектив дозволува исполнување на сите опасности кои демнат над нас. Дестинацијата станува невистинита конструкција.

Во притиснатите запчаници на оваа намерна суспензија она што навистина страда не се “возвишените идеали и стратешки аспирации” на едно цело општество, туку цели генерации на вистински луѓе, кои згаснуваат. Образованието пропаѓа во уназадувачки услови, здравствената заштита е недостапна, работните можности се експлоататорски, додека станбеното прашање се решава безболно доколку си привилегиран или поробувачки преку кредити. Довербата еродира и поделбите се продлабочуваат.

Суспензијата раѓа цинизам и апатија, го овенува колективниот дух и го задушува пламенот на општествениот напредок, за во меѓувреме, подмолните сили на корупцијата, охрабрени, да ги вдлабнуваат своите канџи во животите на обичните луѓе. Маките на маргинализираните и обесправените стануваат заматени среде какафонијата на суспендираното општество. Пискотниците, под тежината на рамнодушноста се борат да пробијат низ задушувачката тишина.

Промената, сепак, се состои во препознавањето на нашата намерна колективна парализа, додека последователната желба за слобода од овие окови е повик за акција.

Акција. Политичката моќ во овој момент е во рацета на политичко-капиталистичка олигархија, кратковидна и единствено водена од желба за богатење. Бунтот против овој олош е бунт против алчноста која го заробува и експлоатира општеството. Казнувањето на структурите водени од ненаситно среброљубие го отвора патот за прекин на колективното понижувања и конечно подобрување на општествените и класните услови.

Нивната моќ мора да се демонтира!

Тоа е патоказ кој води кон приближување на целта, онаа која се оддалечува покрај нашето итање кон неа – приближување кон сегашноста кое ќе ни дозволи крајно окончување, продуктивно по однос на прашањето за евроинтеграција или никогаш повеќе во неизвесност и конечно ослободено од стегите на политички легитимитет и државнички капацитет кој почива на вољата на странските амбасади.