Доцнат платите на ангажираните на определено време во музеите
Доцнат платите од ноемри наваму на ангажирани со договор на определно време во повеќе музејски установи, реагира Синдикатот за култура. Од таму велат дека се работи за особено ранлива категорија граѓани за кои вработувањето е неизвесно, немаат здравствено и пензиско осигурување , а за работата земаат двојно помала нето плата од вработените во редовен работен однос, објави Телма.
Иако формално не се членови на СК, оштетените ја контактирале синдикалната организација и го изразиле разочарувањето од ситуацијата, дополнува Павловски.
Како што информира Телма, се работи за лица ангажирани во Музејот на Македонија, Музејот на современа уметност и во Археолошкиот музеј. Директорката на Археолошки, Славица Бабамова тврди дека проблемот не е до нив и дека чекаат на потребните средства од Министерството за култура. Од Музејот на современа уметност информираа дека кај нив проблемот се провлекува од декември, а од Музејот на Македонија велат дека ова не е прв пат со месеци да доцнат платите и на договорците и на вработените на неопределено.
Од Министерството за култура без одговор зошто доцнат платите. Но, велат дека во пропишаниот рок испратиле барање до Министерството за финансии и дека на 27 јануари добиле назад одобрување на нивното барање. Сега тече постапката на процесуирање на исплатата на платите во институциите, дополуваат од ресорот Култура.