АктуелноЛокалноСтав

Стипендистите на странските универзитети заборавени од власта

Пишува: Василка Аврамовска – дипломирана на постдипломски студии во Велика Британија


Вработувањето на некомпетентен, корумпиран и неспособен кадар на клучни места ја доведе оваа т.н. држава до својот последен здив во сопствената смртна постела. Конкурентноста при изборот на клучни позиции во јавните установи и институции и останатите упрани тела не треба да претставуваат закана за општеството во кое што живееме – туку напротив – поттик. 

Секако дека Нора Шаќири ја нема добиено својата позиција според сопствените квалификации,туку на некаков си (за нас) небулозен, несфатлив и неприфатлив начин со непродуктивна пропаганда на социјални мрежи и уништување на јавната сопственост. Сите сме свесни дека за позицијата, која што во моментот ја држи Шаќири, постои далеку покомпетентен и посоодветен кадар, како и во случајот со актуелниот директор на ЈГДУ „Детска радост“ од Струмица – Васил Бубев, кој по ниеден основ нема квалификации за истата функција. 

Како аргументи постојат договорите, непристојните понуди и дипломи, за кои од државни пари се дадоа милиони за квалификација на стручен кадар за во моментов да читаме како бивши водителки на квизови од пред дваесет години стануваат театарски директори со дипломи од социологија. Ретко кој од останатите стипендисти се вработени, работат на неадекватни позиции бидејќи нивното место го држат партиски војници и далеку од квалификуван кадар кој, или е иселен надвор во државите во кои што студирале, или останал и нема ни за кафе и се тоа додека Министерката за култура лементира за непостоењето на стручен и квалификуван кадар во време во кое образованието го допре најголемото дно до сега.

Како планира да се извади владејачката гарнитура?

Како ќе ја оправда оваа интелектуална бедотија од мизерни случувања? Толку ли се бесрамни, безлични и игнорантни кон бесот на народот?

Нема да имаме проблеми народот е закрепостен – си мислат… но што ако грешат?

Во прилог е мојот договор склучен со Министерството за образование и наука на стипендиска со 10.00 просек, самохрана мајка за која што во време кога малата Тамара умираше и молеше за лек, Министерството за образование и наука одобри 100.000 евра (според тогашниот курс на фунтата) за магистерски студии каде што според договорот по завршувањето требаше да бидат одработени од лицето и „истото да биде на располагање за вработување во органите на државната управа, како и во државните високообразовни и научни институции, при што нејзината работна позиција ќе биде соодветна на видот и степенот на образованието.”

Наместо тоа, добиен е одговор дека се сменила власта, заедно со комплименти и непристојни понуди. За работното место кое што ми следува – како и на сите кои што биле стипендирани од Министерството за образование и наука, кои се должни да ѝ вратат на државата која го финансирала нивното образование во име на опшата добробит и напредок нема ни збор, бидејќи влегуваат партиски војници коишто во повеќето случаеви не се ни појавуваат на работа. 

Од државните пари останува само потрошено време, неискористено знаење, празни ветувања и гол живот. И секако, полни НГО организации.