Лозарите побараа од министерот Хоџа да ги знаат договорените количини и откупната цена за грозјето од февруари

Лозарите од Тиквешијата бараат од февруари да ги знаат договорените количини и откупната цена на грозјето по сорти.

Лозарите од здружението „Напредни лозари“ упатија барања директно до  министерот за земјоделие Арјанит Хоџа од кого бараат конечно да им се овозможи на почетокот на годината, совреме, а не за време на откупот во септември да ги дознаваат најклучните информации за цената на грозјето по сорти и за количините кои ќе може да ги предадат на винариите.

Винариите мора совреме да му обезбедат информација на министерот која винарија колку грозје планира да откупи, поединечно од која сорта и по кои цени. За нас лозарите и оваа реколта најголем проблем ќе биде откупот и цената на грозјето. Значи како лозари многу порано треба да дознаеме за откупот и цената на винското грозје, за да планираме како ќе го кроиме лозјето. Ако не го сакаат целото грозје, зошто да се мачиме, да прскаме и да го работиме лозјето, така само ќе го одржуваме. Ако пак, има откуп и се бара квалитет, тогаш секој лозар знае како треба да се сработи лозјето, за поквалитетно грозје, изјави за Зелена берза, Зоки Пешков, земјоделец од Ресава, кавадаречко, член на здружението „Напредни лозари“.

Здружението на лозарите, уште во јануари до МЗШВ испрати низа на барања со кои бара формирање Фонд за исплата на грозјето од околу 30 милиони евра, обезбедување алтернативен извоз ако цените се ниски, враќање на персоналниот данок на регистрираните земјоделци најдоцна до јуни наредната година, исплаќање на заостанатите субвенции во најбрз можен рок, исплата на редовните субвенции за одржување на лозовите насади до „Свети Трифун”, 14 февруари и паралелно реализирање на дополнителната поддршка.