АктуелноЛокално

Законот за владиниот бакшиш на „МАКПЕТРОЛ” мора да падне – за Републиката да може да стане!

Овој стручен текст се занимава со правните причини во прилог на тезата дека донесувањето на контроверзниот и проолигархиски Закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба (Сл. весник на РМ бр. 317/2020), кој е без преседан во нашата досегашна државно-правна историја, е во директна спротивност со Уставот на РМ, а за кои пратениците ја одржаа неделовничката постполноќна маратонска седница, која непрекинато траеше 21 час – дури до осум часот сабајлето.

Текстов се темели на правната аргументација која е елаборирана во поднесената иницијатива на Политичката партија Левица до Уставниот суд на РМ за оценување на уставноста на овој спорен закон, кој беше своевидна новогодишна честитка од Владата на СДС и ДУИ упатена до провладината ТВ Телма, а којашто го чинеше народот неверојатни 33 милиони ЕУР.


Парламентот не е парничен суд за да решава приватни спорови

Нашиот уставотворец, во Уставот на РМ (1991), ја вградил теоретската парламентарна концепција за ограничена законодавна дејност на Собранието на РМ – како носител на легислативата, кога во клучниот член 68, којшто ја регулира материјалната надлежност на македонското Собрание, користејќи го номотехничкиот метод на егземпларно набројување, во последната алинеја, ја користи формулацијата дека Собранието „врши и други работи утврдени со Уставот“ [чл. 68, ст. 1, ал. 19 од УРМ]! Ова експлицитно значи дека македонскиот парламент не може да има неограничена законотворна дејност, во духот на познатата крилатица на Бенжамен Констан (фр. Benjamin Constant / 1767-1830) дека: „Нацијата е слободна само кога пратениците се ограничени“.

Во критичниов случај, преку носењето на овој катастрофален т.н. закон, Собранието на РМ – спротивно на Амандманот XXV на Уставот – ги надминува своите уставни ингеренции и, без никаков уставен основ, прави ultra vires акт на противуставно пречекорување на своите овластување и преекстензивно проширување на својата надлежност во сферата на судството – како независна трета власт – земајќи си ја улогата на вонреден суд за решавање на приватен/стопански/ трговски правен спор, кој трае повеќе од 15 години, а се води помеѓу Република Македонија и приватната компанија/трговско друштво АД „Макпетрол“ – како парнични странки in concreto.

Со приватни спогодби не може да се дерогира јавното право

Носењето на ваков небулозен и конфузен закон без уставен основ е во еклатантна спротивност со начелото за тријалистичка поделба на власта на законодавна, извршна и судска – кое е постулирано како темелна вредност на нашиот уставен поредок. Впрочем, државата не може од позиција на јавна власт (лат. imperium), да интервенира во судски спор каде што таа учествува како рамноправна,, активно или пасивно легитимирана странка – односно тужител или тужен (лат. fiscus) – бидејќи, уште од Јустинијановата кодификација (VI век), па сè до денес, важи прочуената јуристичка максима дека: „Со спогодба на поединци не може да се измени јавното право (Ius publicum privatorum pactis mutari non potest)“!

Да биде иронијата поголема, ова е скандалозен и негативен пример без преседан во досегашната наша правна историја, од АСНОМ (1944) до денес, бидејќи во над седумдецениската државност – било во рамките на СФРЈ, било како самостојна држава – се нема случено лични имиња и презимиња на дури четири физички лица да се најдат во нормативниот дел на официјален законски текст [заб. станува збор за „озаконетите“ лица: Зоран Заев, Андреја Јосифовски, Јанез Копач и Дирк Буше]!? Уште од Хамурабиевиот законик (XVIII век пр. н. е.) до денес, основна одлика на законите – како општи нормативни акти, е тоа што тие – како апстрактни прописи – дејствуваат и важат „спрема сите“ (лат. erga omnes), а не само меѓу точно утврдени субјекти (лат. inter partes) – како што е случајот со судските пресуди. Ова е прв случај во европската, а можеби и во светската правна повест, со закон да се решава приватен спор (лат. iudicia privata) и пратениците да бидат ставени во улога на судии-поротници, што е нон-сенс само по себе!?

Законот е привилегирачки и е во полза само за еден субјект на пазарот

Вака изгласаниот и промулгиран т.н. закон спаѓа во омразената група која римските јуриспруденти ја нарекувале привилегирачки закон (лат.leges privilegiae), а којшто – компаративно гледано – се забранети уште од Римското право, па сè до денешни дни. Со ваквиот контроверзен закон едно македонско акционерско друштво се става во нееднаква, повластена и фаворизирачка позиција над сите останати трговски друштва кои водат спор со државата и на кои им е оневозможено со неа да се спогодат на ваков волшебен начин, т.е. ex lege – досега невиден и непоимлив во правото – преку носење на ултра специјален закон (лат. lex specialis).

Овој пакт, односно „спогодба“ за решавање на спорот нема карактер на меѓународен договор, па оттука – како приватна вонсудска облигациона спогодба (лат. pacta vestita, односно pacta legitima compromissum) – таа никако не смее и не може да биде ратификувана од страна на Собранието на РМ и да биде вметната како составен дел на закон, оти Собранието за тоа нема уставно дадена надлежност! А сè што е воведено спротивно на јавното право (лат. ius publicum), не може да произведе никакви правни последици.

Предметниот оспорен закон е во очебијна спротивност со Уставот кој, пак, изрично и со императивна норма (лат. ius cogens) ја гарантира еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, вклучувајќи ја тука и т.н. антимонополска клаузула [чл. 55 од УРМ]. Овој штетен и олигархиски закон е спротивен на јавниот интерес (лат. utilitas publica) – затоа што воведува посебен повластен третман за една моќна нафтена корпорација, за сметка на сите останати кои се бават со енергетски бизнис – што е недопустливо и мора да биде санкционирано! Ова би било и во духот на законското начело на забрана на искористување на монополска положбa, екплицитно пропишана во чл. 7 од Законот за облигационите односи (2001).

Законот за МАКПЕТРОЛ е екстремно штетен и спротивен на јавниот интерес

Да биде апсурдот поголем, во законот-спогодба нема збор за тоа кој го плаќа данокот на капитална добивка – што, во нормални околности, би требало да го стори „Макпетрол“ – што, пак, е во директна спротивност на чл. 33 од Уставот кој вели: „Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон“! Понатаму, нема ниту збор за тоа дали на државата би ѝ следувала дивиденда од добивката од досегашното успешно работење на Гасоводот „ГА-МА“, а ја нема ни потребната одлука од надлежната Комисија за хартии од вредност!?

И, како капак на сета илегалност на процесот, сведоци сме на класични облигациони небулози во самата Спогодба, која е силум спопикана како составен дел на „законот“:

(1)  Л е з и ј а   –  односно на она што Римјаните го нарекувале оштетување преку половина. Тука, за една „златна акција“ чија номинална вредност е околу 19 милиони ЕУР, Владата ќе му исплати на „Макпетрол“ сума во вредност од 33 мил. ЕУР [!?] – што значи имаме повреда на принципот на еквивалентност, т.е. очигледен несразмер на заемните давања, или прекумерно оштетување (лат. laesio enormis) на едната и правно неосновано збогатување (лат. condictiones sine causa) на другата договорна страна;

(2)  R e s   i n t e r   a l i o s   a c t a  –  од нигде-никаде, во чл. 5 од контроверзната Спогодба за регулирање на меѓусебните односи, помеѓу страните Влада на РМ и АД „Макпетрол“, се појавува и се инволвира неповикано трето незаинтересирано лице, АД НЕР – Национални енергетски ресурси, во државна сопственост, преку кое треба да се изврши налогот за плаќање, иако тоа никаде не фигурира како странка или, пак, како сопарничар/замешувач во спорот [!?] – кој, пак, делува исклучиво и само меѓу странките, како точно утврдени и однапред познати правни субјекти (лат. доктрина на ограничено дејство на обврските inter partes)!?

Уставниот суд веќе има донесено касаторна одлука за слично правно прашање

De facto и de iure, Уставот на РМ не дозволува решавање судски спорови со закон, туку само со пресуда – која, согласно чл. 13 од Законот за судови, се носи „во името на граѓаните на РМ“ и има неприкосновено правно дејство (лат. res iudicata)! Во еден сличeн случај, per analogiam, Уставниот суд на РМ, во време на претседателствувањето на еминентниот уставен судија проф. д-р Тодор Џунов – веќе има укинато ваков екстремен Закон за ратификација на Билатералниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција за изградба и управување со нафтовод (Сл. весник на РМ бр. 62/1999) – со фамозната Одлука У. Бр. 140/2001 (4.12.2002). Да биде иронијата поголема, оваа иницијатива е поднесена токму од страна на сегашниов инволвиран протагонист АД „Макпетрол“ – Акционерско друштво за промет со нафтени деривати – каде што, во донесената уставносудска одлука по повод оваа претставка, меѓудругото, се нотира следново:

a) „Судот оцени дека, всушност, се повредува уставното начело на еднаквата правна положба на сите пазарни субјекти и се воспоставува партикуларен режим само во поглед на еден стратешки инвеститор“ [точка 6, параграф §11 , стр. 8];

б) „…Со оглед на тоа што, во конкретниов случај, на инвеститорот му се признава право на ослободување од плаќање данок и други јавни давачки, односно се дезавуираат овие уставни одредби, оцени дека Законот чиј составен дел е овој договор, е несогласен со Уставот на РМ“ [т. 6, пар. §13, стр. 8];

в) „Во тој контекст, Судот ја имаше предвид и одредбата од чл. 8, ст. 1, ал. 3 од Уставот, според која една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеење на правото, па оцени дека со Договорот е повредено и ова уставно начело“ [т. 6, §12, стр. 8 – зат. цит]!

Argumentum a maiore ad minus, тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе укинал сличен ратификуван привилегирачки меѓународен договор – за кој, да потенцираме, Собранието е надлежно да го донесе – дотолку повеќе има право да укине и ваков срамен приватен договор, за чие носење Собранието нема никаква уставна надлежност!