Симболите на општина Свети Николе постојано обезвреднувани!

Симболите на општината кои датираат уште од минатиот век, откако Свети Николе беше прогласено за административна локална самоуправа во последните неколку години беа подложени на неколку измени.

Првата ваква измена се случи во 2014 година. Во тоа време градоначалник на општината беше Зоран Тасев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои истовремено имаа мнозинство членови во општинскиот Совет. Во документите достапни за јавноста не може да се најде објаснување која е причината за промена на дотогаш постоечките симболи, грб и знаме. Тогаш избраното идејно решение беше дело на Стојанче Величковски, кој за ова дело секако беше парично награден. Овие симболи својата практична примена започнаа во 2015 година.

После промената на власта на последните локални избори за градоначалник беше избран Сашо Велковски од редовите на СДСМ, а нивната партија доби мнозинство членови во Советот на локалната самоуправа. Повторно започна процес на промена на симболите на Општина Свети Николе.

Имено, во програмата за активностите на Општина Свети Николе во областа на Локалниот економски развој во 2020 година беше предвидена награда од 50 000 денари „за избор на најдобро решение за знаме и грб на Општина Свети Николе“, а конкурсот за ова беше распишан уште во декември претходната година. Советници на 50-та седница на Советот на Општина Свети Николе го изгласаа првиот ребаланс на буџетот за 2020 година и донесоа одлука за нов грб и знаме на општината. 

Претседателелството на Македонското Грбословно Друштво (МГД) како стручно здружение кое се занимава со проучување на хералдиката и вексилологијата остро ја осуди промената на грбот и знамето на Општина Свети Николе.

Според нив „конкурсно барање е да се почитуваат хералдичките и вексилолошките стандарди при изработка на новиот грб, нешто што не е испочитувано и затоа се доби продукт кој воопшто не е грб туку штитовидно лого, што не е барано на конкурсот.“  Тие додаваат дека: „избраното лого е чист плагијат, копија на грбот на општината користен до 2015 година и е во спротивност со сите хералдички правила, а со тоа е нехералдички. Имено усвоениот „грб“ ги содржи сите елементи во форма и содржина на претходниот грб, со мала измена, при што авторот со изјава (барана од конкурсот) тврди дека е тој автор на веќе постоечки грб, што претставува плагијат, што може да биде и кривична одговорност.“

Дополнително, граѓаните од општина Свети Николе реагираа жестоко на ваквата одлука. Зошто беше потребна повторна промена на симболите на општината по нецели пет години никому не му е јасно. Дополнително прашање на кое локалната власт треба да даде одговор е  зошто во година на пандемија и економска криза се прават вакви непотребни и дополнителни трошоци.

По донесената одлука градоначалникот Сашо Велковски истакна  дека донесена е одлука за нови симболи, грб и знаме на општина Свети Николе, во демократска постапка и по барање на граѓаните. 

Од кого и на кој начин е поднесено ова барање сѐ уште немаме одговор. Но едно е сигурно, кога станува збор за трошење народни пари СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одлично соработуваат, па макар тоа било и за општински симболи.