Велевски: Осудени сме затоа што ја кажавме вистината за расипништвото на ВМРО-ДПМНЕ
Политичко-судската власт уште еднаш покажа на чија страна стои – не на страната на вистината, јавниот интерес или законот, туку на страната на привилегираните и на корумпираната политичка елита. Со само 2% доверба од народот, судиите ја одбија жалбата на Левица во Битола и пресудија во корист на оние кои бесрамно го трошат народниот буџет по елитни ресторани. Станува збор за пресуда против објава која се темелеше на официјални и јавно достапни податоци од државниот портал „Отворени финансии“, кој е под ингеренција на Министерството за финансии. Тоа значи дека сме осудени затоа што ја кажавме вистината, објави на својот профил модераторот и советник на Левица во Битола, Горан Велевски.
„Политичко – судската власт ја одби жалбата и донесе “Пресуда” со нејзините 2% доверба од народот.
Во 2022 година имавме објава околу угостителските расходи на општината со докази и податоци од порталот„Отворени финансии“ кој има за цел да и овозможи на јавноста увид во податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Македонија, со кои што располага Трезорот на Министерството за финансии.
Бевме тужени за клевета од страна на ДПМНЕ и покрај сите докази и материјали кои ги презедовме од овај валиден портал за денес да пресудат во корист на виновниците.
Судиите очигледно не го почитуваат порталот “Отворени Финансии” преку Министерството за финансии, туку политичарите кои се на власт, а од тука потекнува нивната срамна доверба од 2% што беше очекувано за нас.
Во прегледите подолу Ви доставуваме листа на најпосетувани ресторани од страна на локалните функционери предводени од ВМРО-ДПМНЕ како потсетување за што добивме тужба од ДПМНЕ!
1. ЈУВЕНАЛИ ТРЕЈД ДОО БИТОЛА – РЕСТОРАН КАПРИ
Според јавно достапните податоци, од 20 јануари до 14 октомври 2022 година, Општина Битола потрошила вкупно 519.241 денари само во овој ресторан.
2. ГЕНЕРАЛ ЛОРД ДООЕЛ БИТОЛА – РЕСТОРАН МИЛЕНИУМ
Според јавно достапните податоци, од 01 јануари до 02 ноември 2022 година, Општина Битола потрошила вкупно 566.048 денари во овој ресторан.
3. ЈА-СА ДООЕЛ БИТОЛА – РЕСТОРАН ПРЕМИЕР ЦЕНТАР
Според јавно достапните податоци, од 30 јуни до 02 ноември 2022 година, Општина Битола потрошила вкупно 152.057 денари во ресторан Премиер Центар
4. МАКЕДОНИЈА ДОО БИТОЛА – РЕСТОРАН ЕПИНАЛ
Според јавно достапните податоци, од 07 март до 14 октомври 2022 година, Општина Битола потрошила вкупно 84.861 денари во ресторан Епинал.
Само во овие четири ресторани во Битола, без да се земат во предвид и останати трошења за ресторански услуги, Општина Битола во периодот од 20 јануари до 02 ноември 2022 година потрошила за угостителски услуги вкупно 1.322.207 денари или 22.000 евра, или повеќе од 100 евра по работен ден!“ стои во објавата на Велевски.
Денес не сме осудени за клевета – туку за непокор и за разоткривање на паразитскиот карактер на локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Судската власт стана продолжена рака на политичката власт и инструмент за казнување на секој што ќе се осмели да прозбори. Но, нема да замолчиме. Ќе продолжиме да објавуваме факти, да ја браниме вистината и да ја штитиме јавната пара – и покрај репресијата и заканите. Битола заслужува чесна и одговорна власт, а не политички гастарбајтери на луксузни ручеци. Народот гледа. И ќе суди.