(Видео) Левица: Опасна куќа на фреквентна улица во Штип – се бара итна интервенција пред да биде предоцна
Во самиот центар на Штип, на улицата „Страшо Пинџур“, се наоѓа руинирана и склопопадна куќа што претставува сериозна опасност по животот на пешаците, возачите и жителите во околината. Локалниот огранок на Левица – Штип алармираше за проблемот и упати итен апел до надлежните институции за преземање мерки.
Распаднатата градба се наоѓа во непосредна близина на спортскиот центар „Џексон“, на тесна двонасочна улица која е секојдневно фреквентна и под постојан сообраќаен и пешачки притисок. Иако состојбата на објектот е критична, досега надлежните служби не презеле никаква акција, велат од партијата.
„Не станува збор за некоја напуштена куќа во рурална средина, туку за урбана закана во срцето на градот. Жителите, преплашени за својата безбедност, се обратија до нас откако институциите останаа глуви на нивните повици“, велат од Левица – Штип.
Партијата бара итно излегување на инспекциските служби на терен, проценка на ризикот и брза и ефикасна интервенција. Целта, како што истакнуваат, е заштита на животот и безбедноста на граѓаните, но и спречување на можни несреќи кои би можеле да имаат сериозни последици.
„Не смееме да чекаме да се случи трагедија за да реагираме. Институциите имаат обврска да обезбедат сигурна урбана средина за сите“, предупредуваат од Левица.
Целото соопштение со видеото во продолжение: