АктуелноЛокално

Започнаа првите археолошки истражувања на локалитетот Ќеразлк во струмичкото село Баница

НУ „Завод и Музеј Струмица“ деновиве почна со првите археолошки истражувања на локалитетот Ќеразлк во село Баница, кај Струмица, 18 години по откривањето и 17 години од геомагнетните истражувања. Стручниот тим во моментот работи на дооткривањето на калдариумот, најжешката просторија – сауна од бањата.

Со тимот раководи Ване П.Секулов, археолог советник, а во состав се д-р Душко Цветанов, Зорица Костадинова и Даниела Дончева.

„Досега е откриен габаритот на калдариумот и дел од системот за загревање, како што се префурниумот односно просторијата каде се загревала водата и дел хипокаустот, системот за загревање на сауната. Од хипокаустот се откриени кружни столпчиња, суспенсори, носители на висечкиот под како и две колонади низ кој струел топлиот воздух за загервање на подот. Исто така е откриен и дел од системот за загревање на ѕидовите составен од цевки со елипсовидна форма кои се уште стојат прилепени на ѕидовите“ се наведува во соопштението.

Оттаму велат дека сите индиции наведуваат на тоа да се размислува дека калдариумот, односно сауната, е дел од приватна бања која најверојатно е во состав на поголем полски имот, „villa rustica“, во сопственост на богат граѓанин кој преку зима живеел во античкиот град кој се наоѓал под денешна современа Струмица, а летото го поминувал на својот имот.

„Исто така во моментот ќе се воздржиме од прецизното датирање кога бањата односно полскиот имот егзистирал, но ако се суди според аналогијата на аркадното решение на подното загревање, кое е идентично со судаториумот во Големата бања во Бања Банско тогаш може, иако неофицијално, да се датира во 3 век од нашата ера“, додаваат од музејот.