Калас предизвикува или предвидува? – Игра на тензија пред преговорите на Русија и Украина во Истанбул
Кога една висока европска функционерка јавно тврди дека рускиот претседател „нема да се осмели“ да се појави на мировни разговори, тоа не е само политички став – тоа е директна провокација, па дури и навреда. Изјавата на Каја Калас, шефица на европската дипломатија, дека Владимир Путин нема храброст да се сретне со украинскиот претседател Зеленски во Истанбул, отвора прашања: дали навистина се сака мир, или европските функционери играат политички шах на туѓи животи?
„Не мислам дека Путин ќе се осмели да оди“, рече Калас на конференцијата во Копенхаген. Оваа фраза не е случајна. Таа е внимателно избрана за да го удри по суетата рускиот лидер, кој очигледно е вешт во сојата политичка демонстрација. Но, дали ваквиот пристап му служи на мирот? Или, напротив, го урива секој обид за дипломатско приближување?
Најтревожно во изјавите на Калас не е нејзината проценка дека Русија не сака мир – тоа веќе со месеци го слушаме од западните политичари. Проблемот е во отсуството на елементарна дипломатска конструктивност. Наместо да го охрабри дијалогот, Калас уфрла провокативни квалификации – „Путин нема храброст“, „Русија само купува време“, „не се заинтересирани за мир“. Дали тоа се зборови на неутрален посредник или на фракционен играч во конфликтот?
Во исто време, иако е најавено дека Зеленски е подготвен да присуствува, неговото учество е условено – ќе оди само ако оди и Путин. А Путин, иако формално предложи преговори, сè уште не соопштил дали ќе патува. Ситуацијата се сведува на партија покер меѓу тројца играчи – Зеленски, Путин и од сенка, Доналд Трамп – кој неодредено остави можност да се појави на разговорите. Дали тоа ќе биде миротворечки собир или медиумски спектакл, останува да се види.
Но што добива Европа од едно вакво јавносто прозивање на Путин? Калас можеби мисли дека вака се гради притисок, но во реалноста тоа може само да ја зацврсти руската решителност. Провокацијата како дипломатска стратегија ретко носи резултати – особено кога станува збор за лидери како Путин, кои својата моќ ја темелат на демонстрација на сила и непопустливост.
Ако Европа сака да биде дел од решението, а не од проблемот, потребна е промена на тонот. Мир не се гради со подбив и прозивки, туку со реална анализа, почитување на фактите и – како и секогаш – тешки, но искрени преговори. Изјавите на Калас можеби ѝ носат аплаузи во Брисел, но за луѓето во Украина, тие се уште една потврда дека дипломатите живеат далеку од реалноста на фронтот.