Тодоровски: Може ли ЕУ без САД да ја гарантира својата стратешка безбедност?
- Став на Дарко Тодоровски
Длабоките струи кои ја обликуваат американската надворешна политика и нејзината глобална положба, ја предизвикуваат вкоренетата претпоставка на Европа и европејците за потпирање на САД и нивната глобална моќ. Политичките промени во САД и во Европа во последната година го разединија евроатланското ткиво, и ги продлабочија поделбите внатре во ЕУ. САД јасно и недвосмислено и праќаат сигнали на ЕУ дека повеќе нема да го носат товарот кога е во прашање европската стратешка безбедност, а поделената ЕУ не е спремна да го превземе товарот за гарантирање на европската стратешка безбедност.
Во услови кога стратешки приоритет број еден за САД е Индо-Пацификот, одговорноста за иднината на европскиот безбедносен поредок, САД го префрла на ЕУ. Сепак, не е јасно дека политичкото ткиво на ЕУ е дизајнирано да го носи овој тежок товар во овие турбулентни геополитички времиња. Надвор од несоодветните одбранбени способности, дифузниот рефлекс на зависност од САД ги спречи Европејците во минатото да развијат заедничка, сеопфатна стратешка култура – концепт за нивните сопствени приоритети и за тоа како заеднички да ги унапредат. Во отсуство на таква заедничка визија, тешките надворешни предизвици ризикуваат дополнително да ги влошат политичките разлики во ЕУ и да доведат до уште поголеми поделби.
Извештајотhttps://commission.europa.eu/topics/eu-competitiveness/draghi-report_en#paragraph_47059 на Марио Драги презентира детална, искрена и многу остра дијагноза на конкурентноста и состојбата на економијата на ЕУ, вклучително и одбранбениот и безбедносниот сектор. Констатирајќи го високото ниво на европските одбранбени технологии, нивната силна позиција на глобалниот пазар и присуството на многу обемна одбранбена индустрија, Драги посочи голем број суштински слабости и недостатоци кои ја ограничуваат европската воена индустрија, и како резултат на тоа истата не е конкурентна и иновативна.
Прво, високата фрагментација на одбранбената индустрија на ЕУ, која во голема мера е комбинација од националните одбранбени индустрии. Ова води кон конкуренција и дуплирање на надлежностите во рамките на ЕУ и не и дозволува да се натпреварува под еднакви услови со американскиот воено-индустриски комплекс, кој претрпе длабока консолидација од крајот на Студената Војна и е претставен од најголемите интегрирани одбранбено-индустриски корпорации во светот. Со други зборови, ЕУ не е конкурентна на светскиот пазар со оружје со САД. Никаква консолидација на европската воена индустрија не се гледа на хоризонтот. Според Сиприhttps://www.sipri.org/commentary/topical-backgrounder/2025/are-european-nato-states-moving-towards-self-reliance-arms-procurement-qa-katarina-djokic речиси две третини – 64 проценти – од увозот на оружје и воена опрема на европските земји на НАТО во 2020-2024 година доаѓа од САД, значително поголем удел отколку во 2015-19 година, кога истиот изнесуваше 52 проценти. Од следните четири најголеми добавувачи со оружје и воена опрема, само две се европски држави: Франција учествуваше со 6,5 отсто од увозот и Германија со 4,7 отсто. Други 6,5 отсто дојдоа од Јужна Кореја и 3,9 отсто од Израел.
Второ, неединството на програмите за воена изградба на земјите-членки на ЕУ и акутен недостаток на соработка, што доведува до прекумерен број на различни видови оружје, воена и специјална опрема (WME), фрагментација на побарувачката и неможност целосно да се искористи ефектот на обемот. Ова исто така влијае на ефикасноста на одржувањето на опремата, ги комплицира и ги зголемува трошоците за логистика и материјално-техничка поддршка.
Трето, голема зависност од нерегионални производители и добавувачи, вклучувајќи ги САД, Јужна Кореја, Израел, Турција, па дури и Бразил. Ова се однесува дури и на оние сектори и ниши каде што има модерни конкурентни понуди од европските производители.
Четврто, недоволно ниво на инвестиции во истражување и развој. Во 2023 година, САД потрошија 140 милијарди долари за истражување и развој (16 отсто од воените трошоци), додека Европската унија и нејзините земји-членки заедно потрошија само 10,7 милијарди евра во 2022 година (само 4,5 отсто од вкупните трошоци). Други проблеми вклучуваат недоволно воено трошење и тешкотии во пристапот до финансирање на европските одбранбени компании. Многу од слабостите и ранливостите од општа економска природа исто така имаат негативно влијание врз одбранбената индустрија на ЕУ во целост.
Некои западни земји-членки на ЕУ се против САД, односно надворешните политики на Трамп во однос на Европа и Украина. Иако САД и ЕУ сè уште се клучни воено-политички партнери, со зголемените безбедносни предизвици на глобалната сцена и политичката нестабилност меѓу двата брега на Атлантикот, земјите од ЕУ почнаа да инвестираат во сопствените воено-индустриски ресурси за да ја намалат нивната зависност од САД. Ова може да предизвика тензии и конкуренција на светскиот пазар на оружје меѓу ЕУ и САД во иднина. Во тој случај, трката во вооружување помеѓу двата „сојузника“ би можела да се прошири на глобалната геополитичка рамка, и од тоа најмногу да профитираат другите светски сили. Со почетокот на милитаризацијата на ЕУ, на земјите-членки ќе им се овозможи полесен и потолерантен пристап кон процесот на милитаризација, од кои многумина држави во ЕУ гледаат поголема закана во нивните соседни земји-членки на ЕУ и НАТО, отколку во Русија и Кина.
Континуираната зависност на европските држави од САД ги принудува ЕУ, пред се Берлин и Париз, уште поагресивно да ја продолжат својата желба за повторно вооружување, што мора да вклучи наметнување на напад врз општествената положба на работничката класа што е без преседан од Втората Светска Војна. За да се соберат средствата од 800 милијарди евра што европските империјалисти колективно ги ветија во последните месеци за воени трошоци, владејачките елити ќе бидат принудени да извршат кратење на социјалните и демократските права на работниците, како и кратење на средствата за образование и медицина. Во минатото, милитаризацијата на Европа не водела кон ништо добро за Европа и за човештвото, како и за работниците. Некои експерти во Европа со право си го поставууваат прашањето дали милитаризацијата на земјите-членки на Европската унија ќе доведе до нејзиниот почеток на крајот. Поранешниот италијански премиер Џузепе Конте изјави дека повторното вооружување на Европската унија ќе биде почеток на распадот на ЕУ.