Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика бура на меѓународната сцена, откако ја нарече Европската Унија полоша од Кина, само неколку часа по објавата дека САД и Пекинг постигнале договор за намалување на царините и деескалација на трговската војна.
„Европската Унија е во многу аспекти полоша од Кина, во ред?“ рече Трамп, додавајќи: „Тие играат валкано. О, тие ќе попуштат. Само гледајте. Ние ги држиме сите карти. Тие се однесуваат кон нас многу неправедно“.
Изјавите претставуваат пресврт од неговиот поранешен тон кон Унијата, особено по неодамнешната пофалба на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, за која рече дека е „фантастична“ и изрази желба за средба.
Сепак, фон дер Лаен засега не покажува подготвеност за разговори, освен ако на маса не се најде конкретен трговски пакет. Брисел претходно понуди компромиси, како олеснување на некои регулативи и заедничка соработка против кинеското прекумерно производство, но и се закани со контрамерки – царини на американски стоки во вредност од 95 милијарди евра, доколку преговорите застојат.
Изјавите на Трамп доаѓаат во чувствителен момент – само неколку часа по позитивниот пресврт во односите со Кина, откако двете земји се согласија на намалување на меѓусебните тарифи. Преговорите меѓу САД и Кина се воделе во Швајцарија, со учество на американскиот секретар за финансии Скот Бесант и трговскиот претставник Џејмисон Грир.
Главниот трговски советник на Трамп, Питер Наваро, ја оцени заканата од европска контраофанзива како „провокативна“, дополнително заострувајќи ја реториката.
Со новите критики кон ЕУ, Трамп очигледно испраќа порака дека и покрај напредокот со Кина, трговските битки на САД далеку од завршени – а следната на удар би можела да биде токму Европа.