Левица Сектор Култура: Вандализам и институционален молк – Скопје останува без бистите на македонските великани

Во серија на инциденти кои сериозно ја загрозуваат културната меморија и националниот идентитет, во последните денови беа украдени и оштетени неколку бисти на значајни македонски историски личности. Инцидентите се случуваат во срцето на главниот град — Градскиот парк — и предизвикаа бурни реакции во јавноста, но и разочарување поради молкот на надлежните институции.

Партијата Левица, преку официјална објава, остро реагираше на случувањата, предупредувајќи на континуитет на вандализам врз симболите на македонската културна историја и повикувајќи на итна реакција.Во својата реакција, Левица ги наведува последните случаи на украдени и оштетени бисти во Градскиот парк и други локации, меѓу кои се оние на Крсте Петков Мисирков, Кочо Рацин и Ѓорѓија Пулевски.

„Срцето на Скопје, Градскиот парк, место што треба да биде симбол на спокој и културна меморија, станува сцена на вандализам и неказнет криминал,“ стои во соопштението на Левица. Од партијата предупредуваат дека ова не се изолирани инциденти, туку дел од подолг тренд на исчезнување и уништување на споменици на значајни македонски дејци, вклучувајќи ги и бистите на Коле Неделковски, Никола Вапцаров, Орце Николов и Цветан Димов.

Посебно внимание предизвикува и случајот со споменикот на Децата бегалци од Егејска Македонија, кој неодамна беше вандализиран во паркот „Жена борец“, веднаш спроти Собранието. Според Левица, сторителите сѐ уште не се пронајдени, а Министерството за внатрешни работи само формално соопштува дека презема мерки, но резултати нема.

Партјата исто така ја критикува и градската власт, која не дала објаснување за отсуството на безбедносни мерки, ниту пак има конкретен план за обнова на уништените и украдените бисти. „Бистата на Орце Николов се наоѓала на само 100 метри од канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска, а сепак е исчезната без сведоци или интервенција,“ потенцира Левица.

Во соопштението се додава дека дел од бистите се украдени со прецизност, што укажува на добро испланирани акции. На пример, бронзените бисти на Вапцаров и Неделковски биле „хируршки“ отсечени од постаментите и покрај нивната локација на прометни патеки.

Левица апелира за итни мерки – поставување на видео надзор во јавните простори, засилени полициски патроли и обновување на украдените бисти. „Овие кражби не се само материјална штета, тие се напад врз колективната меморија и идентитетот на македонскиот народ. Градот не смее да остане симбол на заборав и неказнет вандализам,“ заклучуваат од Левица.

Реакцијата доаѓа во време кога јавноста сѐ повеќе изразува незадоволство од општата небезбедност на културното наследство и од отсуството на институционална грижа за неговото зачувување.