Uber Nord Mazedonische

Критички осврт на академескот критичар и член на Секторот за култура при Политичката партија Левица, Д-р Мери Георгиевска, кон мјузиклот „Архангелот над Скопје“. Претстава, која во режија и дизајн на Наташа Поплавска, поддржана од Министерството за култура, а направена во соработка со Македонскиот Народен Театар и Театар Комедија, премиерно беше прикажана на 24 декември на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ).

Плакат по повод претставата „Архангелот над Скопје“

Во оваа ера на маркетинг, а во ера на недостаток на критика, која е од насушна потреба особено во уметноста, со цел да се види до каде сме и кои сме, решив да напишам збор два или повеќе во полза на уметниците, културата и во дадениов случај – театарот.

Во недостаток на добри претстави, со голем ентузијазам појдов да ја видам претставата „Архангелот над Скопје“, во режија на Наташа Поплавска. Апсолутно не останав поплавена од било какви чувства, додека помно ја гледав/слушав претставата финансирана од Министерство за Култура на РМ како приватен проект.

И со оглед на тоа што се работеше за театар, кој во последните пет шест години за жал доцни пред другите уметнички и литературни појави на нашето современие, со голема возбуда потрчав и платив 1500 денари со надеж дека ќе гледам вистински театар. Особено што се работеше за идолот на нашите времиња од 90тите, музиката и текстовите на Ристо Вртев.

Едноставно подеднакво како што во животот има нумизматичари, филателисти, математичари, исто така во истиот живот постојат и љубители на театарот, музиката, литературата, сликарството….

Знаејќи дека во исто време може да суштествуваат неколку видови на театар, од единаесеттиот ред на партерот, бев подготвена да видам се. Да видам концерт, мјузикл, трагедија, комедија, драма, сатира,но испадна дека јас и поголемиот дел од гледачите во непреполниот партер, кои беа дојдени да видат вистинска уметничка вредност, бевме заложници на една лоша перцепција на литературата наспроти несомненото музичко творештво на Вртев.

Со децении наназад, сигурна сум и се уште мислам и знам дека сцената или театарот е место каде треба нешто да се случува. Не се случуваше ништо.

Каква дрскост да бидеш голтнат од ништото на сцената!

Во длабочината на сцената настапуваше напати славниот Ристо Вртев пред кого седеа музичарите, кои на моменти произведуваа чудни звукови, кои ги разобличуваа совршените оригинални аранжмани на Вртев во некаква лајт џез лоша верзија, а пред нив истрчаа 16 млади деца, деца чија иднина би требало да бидат даските кои живот значат.
Ако речам за повеќето од нив дека не ми е јасно како и врз кои критериуми им е потпишана дипломата, тогаш ќе направам зло за тие кутри, полни со ентузијазам млади актери, кои едноставно не можеле а да не станат актери. А има толку прекрасни професии, од кои би имале аир во нивните животи.

Од сите заговори, од сите пеколни пактови на овој културен свет, најцврсти се оние на бездарниците. Фрустрирани што само еднаш ѕирнале во дарбата, а таа избегала од нив како ветер на пловидба, без кој не се може. Да се стане актер не се може без дарба.
Навивачите во ложите, нивните горди родители дека децава им стапнале на сцената зошто не можеле а да не бидат актери (употребувам дупла негација, зошто дупло останав очајна од она што го видов како целосна продукција на “Архангелот над Скопје“) беа пуштени на најјако. Аплаузите не им беа прифатени од партерот.

Се прашувам каде заминаа критериумите? Се сеќавам дека на ФДУ беа потребни високи критериуми да се добие диплома по актерска игра. И се прашувам кој е тој кој ги симна критериумите на дното и ги зеде децата на душа?!

Не сум информирана колкумина беа од приватниот Универзитет ЕСРА, зошто пак таму, ако сакате да станете актери, може да станете кога сакате и како сакате. Никаде во светот не можете да платите за да станете актери. Или пак можете, но тогаш ви предаваат аждаи од професори по актерска игра, кои нема да ве земат на душа, доколку не умеете да дофрлите до публиката проста реченица.

Се прашувам зошто Министерството за Култура не се интересира кога финансира вакви пропаднати проекти, барем како лекција за идните проекти, кои секој момент се во очекување да излезат??

Зошто, со овој тенок талент кој го манифестираа на сцената, во сосем несоодветна режија на Поплавска, утре, истите тие млади актери тешко ќе се протнат низ ноздрвите на Гогољ и Чехов и уште потешко ќе ги продупчат величествените тимпани на Шекспир!

Овде се наложува прашањето на скудноста на нашето образование. Што се случува со образованието на нашите млади актери, кои утре ќе треба да се соочат, да играат улоги рамни рамо до рамо со нашите веќе докажани големи театарски имиња на сцените на театрите ширум Македонија. И зошто не се интервенира по тоа прашање?

Патем не можете на денешната публика, која е информирана со неколку стотици информации во минута, да и продадете безобразни шаради и ефтини паради, лажејќи ги сите оние кои блажено мижат за се, а камоли за уметноста.

Кореографијата беше огромно разочарување. Кореографот Поплавска очигледно не можела да се справи со задачата – мјузикл. Танцот беше екстремно нечист. Додека нумерите на Вртев заслужуваа многу поголем третман отколку што добија. Имаше многу тоналитети кои загрижуваа, без потреба. Неговата музика од 90тите беше сама по себе една деконструкција, која не трпеше друга, односно самоуништувачка. Не видовме никаков рафинман. Не доживеавме катарза. Не се потсетивме на она што им беше намерата. А немате поим колку е жално кога излегуваш од театар после еден ваков инцидент. Чувствувате тага. Не ви се оди дома. Не смеам да речам дека гледав претстава за деца на просцениумот, зошто ќе ги навредам дечињата. 

Во овој конкретен случај, претставите од овој тип се режирани и продуцирани од ликови кои направиле многу повеќе претстави отколку што изгледале туѓи до крај, напишале повеќе драмски текстови отколку што прочитале, насликале повеќе мачканици, отколку што виделе туѓи платна.

Претставата „Архангелот над Скопје“, немаше апсолутно никаков стил, дури нити еклектика. Видео проекциите беа сосем неартикулирани нити пак во дослух со режисерката која очигледно се мачела да ни порача нешто од сцената. А театарот е како љубовта. Треба да е лесен. Не треба да е мачен. Треба да ве обзема. Не да ве опресира.
Наместо тоа, тие самите ги раширија нивните крилја, фалејќи се бесрамно самите себе, а тоа е она што единствено го знаат совршено и секојдневно го усовршуваат.

И надокрај, односот на претставата и критиката не е поразличен од односот помеѓу учесниците во претставата и критичарите. Една здрава критика, може да создаде еден вид на интерактивен однос на двете techne-a или уметнички форми: театарот и критиката.