Левица: ДПМНЕ и ЗНАМ попусто го бришат името Македонија – Грција и Бугарија со нова амандманска блокада
Во своја најнова јавна реакција, политичката партија Левица остро се спротивстави на новата амандманска блокада од страна на Грција и Бугарија во Европскиот парламент, насочена кон Предлог-извештајот за Македонија. Преку официјален статус, Левица ја критикува надворешната политика на македонските власти како „вазалска“ и алармира за последиците од т.н. договори за добрососедство, кои – според партијата – стануваат главен извор на пречки во евроинтеграциите, наместо нивно решение.
„Вазалската надворешна политика и националните предавства не можат да доведат да етаблирање во меѓународните заедници на државата. Како што претходно предупредивме, т.н. договори за добрососедство наместо да ги надминат, тие станаа извор на пречки во европските интеграции на Македонија. Ова го потврдува фактот дека на Предлог-извештајот на Комитетот на надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент за Македонија се доставени над 300 амандмани, од кои најголем дел од Грција И Бугарија.
Иако сите досегашни отстапки по однос на ‘барањата на соседите’ во име на евроинтеграциите биле на максимална штета на македонскиот народ и држава – ЕУ јасно најави дека проширувањето повеќе не е приоритет! Дилетантскиот пазарлак и дефетистичката пасивност од страна на Владата, наместо да ја искористи ситуацијата за водење политика на превенирање од претходно направените штети, таа верно ги следи контурите на вазалство поставени од СДС.
Кога се разобличени лицемерните ставови на ЕУ за интеграцијата на Македонија, Левица потсетува дека се залага ревидирање и поништување на империјалистичките договори наметнати од Грција и Бугарија направени на наша штета. Поаѓајќи до максимата на Маркс дека „Ниеден народ не може да биде слободен, ако угнетува друг народ“- се залагаме за продолжување на евроинтеграциите, но само како еднаков партнер и под еднакви услови како за сите земји членки претходно интегрирани.
Оттука ја повикуваме владејачката ДПМНЕ која даде осум пратеници од своите редови за промена на името, да престане со бришењето на името Македонија од законската регулатива и државните институции! Ако евроинтеграциите се заглавени во ќор-сокак, тогаш е неопходно политичките чинители да застанат во одбрана на националните интереси и да побараат етаблирање на меѓународната сцена надвор од наметнатата застарена и западна парадигма и се приклучат кон тековите на новиот мултиполарен свет.“
Левица уште еднаш подвлекува дека нема да поддржи европски интеграции по цена на национално обезличување и отстапки кои ја поткопуваат државноста. Според партијата, доколку продолжи практиката на амандманско уценување од страна на соседите, неопходно е да се преиспита целата стратешка насока на надворешната политика. Партијата повикува на напуштање на наметнатите западни формати и свртување кон алтернативни, рамноправни односи во рамки на новиот мултиполарен светски поредок.