Битола повторно на улица – Граѓаните упорни во битката против депонијата
Шестиот мирен протест против изградбата на регионалната депонија во Пелагонија се одржа вчера на пладне на плоштадот „Магнолија“ во Битола. Наместо пред зградата на Општина, битолчани одлучија своето незадоволство да го изразат во срцето на градот – симболично, но и практично, во обид гласот на народот да одекне погласно.
Со транспаренти на кои пишуваше „Стоп за депонија, не за онкологија“, „Битола не ја оставаме без иднина и поколение“ и други пораки, граѓаните уште еднаш порачаа дека нема да дозволат изградба на депонија која, според нив, директно ќе влијае врз здравјето и квалитетот на животот во регионот.
„Поднесовме писмено барање до надлежните институции да ни го достават проектот за депонијата, но до денес немаме добиено ништо. Ги повикуваме сите граѓани да се приклучат на нашата информативна мрежа – само така можеме заеднички да се спротивставиме“, истакна Тони Апостоловски од координативното тело на иницијативата „Против депонија“.
Протестот помина мирно, но со силни пораки – Битола нема да молчи додека се загрозува нејзината иднина.