АктуелноЛокално

(Видео) Јовановска: Две години без поместување – улицата во Долна Матка сè уште не е ни започната

На денешната седница на Советот на Град Скопје, советничката од Левица, Катерина Јовановска, остро реагираше на одлуката за пролонгирање на рокот за реконструкција на улицата во Долна Матка до 2027 година, потенцирајќи дека и по две години, проектот не е ни започнат.

„Дали на Град Скопје му се потребни четири години за да реконструира една улица?“, праша Јовановска, обвинувајќи ги градските власти за сериозен застој во реализацијата на проектот од јавен интерес.

Во своето излагање, таа посочи дека советникот од ДПМНЕ, Мартин Стојановски, кој потекнува токму од општина Сарај каде се наоѓа Долна Матка, наместо да изрази загриженост за досегашната неактивност, се одлучил за, како што го нарече, „популистички говор за важноста на улицата“.

„Тоа е уште еден доказ дека советниците на ДПМНЕ се грижат само додека трае процесот на гласање, но не и за реализацијата на одлуките“, изјави Јовановска.

Таа додаде дека градот Скопје е сведок на експресна изградба на згради, но кога станува збор за проекти од јавен интерес, времето се мери во години, па дури и децении.

„Очигледно е – ако некој сака да изгради зграда, тоа се прави со брзина на светлината. Но ако станува збор за улица што треба да им служи на граѓаните – тогаш треба да се чека со години“, истакна Јовановска, повикувајќи на итна реакција и одговорност од надлежните институции.

Видеото од целото нејзино излагање во продолжение: