(Фото + Видео) Работниците на чекор до генерален штрајк: Бараат минимална плата од 500 евра
Под мотото „Од нашиот труд е вашиот луксуз“, работниците денеска одржаа масовен протест пред Собранието и Владата, барајќи покачување на минималната плата на 500 евра. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) остро ги критикуваше пратениците, истакнувајќи дека нивното неодамнешно зголемување на платите за 78% е неоправдано.
„Работниците едногласно донесоа одлука – додека не се зголеми минималната плата, пратениците треба да живеат со минимална плата. Доста е од неправда!“, изјави претседателот на ССМ пред насобраните демонстранти.
Протестниот марш продолжи кон Стопанската комора, каде Слободан Трендафилов, упати порака до работодавачите: „Денеска е последниот ден кога ќе ве наречам работодавачи, а не газди. Подадете рака и зголемете ги платите, за да останеме тука, да не бидете причина за егзодус на македонските работници.“
Синдикалците предупредија дека секоја година по 10.000 млади работници ја напуштаат Македонија поради ниските примања и лошите работни услови. Тие потенцираа дека нема да престанат да се борат за подобри права на работниците.
Во обраќањето пред Владата, синдикатите испратија силен апел: „Тргнавме 300, дојдовме 1.080 – колку што има функционери. Ако е потребно, ќе бидеме 3.000, 30.000! Бараме правда за работниците. Намалете си ги платите и почувствувајте ја реалноста.“
Синдикалците ја обвинија Владата дека ја урива репрезентативноста на ССМ и ја фаворизира бизнис-елитата. „Ова е првата Влада што остава 129.000 вработени во јавниот сектор да ги „изедат“ газдите од приватниот сектор“, изјавија од ССМ.
Во завршницата на протестот, Трендафилов директно ги повика функционерите: „Јас повторно нудам, Бране и Христијан на 500 евра плата! Да видиме како ќе се снајдете.“
Протестите продолжуваат, а синдикатите најавуваат генерален штрајк доколку нивните барања не бидат исполнети.