По трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, јавноста бара одговорност од Министерството за внатрешни работи, а особено од министерот Тошковски. Во емисијата „КОД“ беа изнесени бројни информации за криминални активности, инциденти, дилање дрога и дозволување на малолетници да влегуваат во дискотеката, како и заобиколување на сообраќајните правила поради нејзиното работење.
Според информациите, овие прекршоци не биле евидентирани во МВР или, пак, биле премолчувани. Локалната полиција во Кочани, началниците на ОВР Кочани и СВР Штип, како и раководството на МВР и Бирото за јавна безбедност во Скопје, биле свесни за ситуацијата, но не презеле мерки.
Дополнително, до сите нивоа на полициската структура во МВР биле доставени анонимни претставки за нелегалното работење на дискотеката „Пулс“, но наместо да биде санкционирано, криминалното работење било толерирано. Дури и Внатрешната контрола на МВР имала поднесоци за непостапување по законот во врска со дискотеката.
На почетокот на 2023 година, според информациите на „КОД“, до Внатрешната контрола на МВР биле поднесени повеќе анонимни претставки и пријави со барање да се преземат мерки за случувањата во „Пулс“. Некои од овие пријави биле поднесени од вработени во самото МВР и други институции.
И покрај сите предупредувања, полицијата издала документи со кои газдата на „Пулс“ добил легални лиценци за работа, иако дискотеката не ги исполнувала минималните услови за работа. Од МВР, пак, ниту негираат, ниту потврдуваат за овие анонимни пријави, со образложение дека истрагата е во тек.
Останува отворено прашањето дали министерот Тошковски ќе сноси одговорност за оваа трагедија и дали ќе ја поднесе својата оставка.

