Време е за фер патарини: Праведно решение за граѓаните
– Пишува проф д-р Горан Јекиќ – Координатор на Левица – Сектор сообраќај
Со години македонските возачи се соочуваат со високи патарини, додека квалитетот на патиштата не ги оправдува трошоците што ги плаќаме. Патарините станаа значителен финансиски товар за граѓаните и транспортните дејности, а сепак патната инфраструктура останува недоволно одржувана, а на некои делници дотраена. Ова прашање е особено важно во контекст на социјалната состојба, каде што секојдневните трошоци за превоз стануваат сè поголем товар за домаќинствата и малите бизниси и во време во кое на граѓаните секој денар им е важен.
Во овој контекст, предлогот за намалување на патарините за 50% и нивно регулирање со закон, заслужува сериозно внимание и оправдана поддршка. Намалувањето на трошоците за користење на патиштата не е само финансиско олеснување за граѓаните, туку и начин да се создаде поправеден систем на патна инфраструктура кој подобро ќе ја одразува реалноста на теренот.
Колку навистина плаќаме?
Доколку ги споредиме трошоците за патарини во Македонија со оние во соседните земји, ќе забележиме дека цените кај нас се релативно високи. Во моментов, просечната цена на патарините во Македонија изнесува 4.13 евра на 100 км, што е повисоко од Србија (3.61 евра) и Бугарија (2 евра), а незначително пониско од Грција (4.41 евра). Единствено во Хрватска цената на луксузот да се вози по автопат достигнува просечна цена од 6.22 евра на поминати 100 км, но таму сообраќајната инфраструктура е неспоредливо подобра од нашата. Да се потсетиме дека дури и на автопатишта кои се под реконструкција и по кои делумно или целосно сообраќајот се одвива со просрчна брзина 60 км/час, патарината се наплаќа во полн износ, што е еднакво на рекет и разбојништво.
Доколку се спроведе намалувањето од 50%, цената на патарините во Македонија би паднала на околу 2 евра на 100 км, што би ја доближило земјата до стандардите во регионот и би го намалило товарот врз граѓаните, без значително да се загрози финансирањето на сообраќајната инфраструктура. Да се потсетиме дека при регистрација на возило веќе плаќаме за употреба на јавни патишта.
Како ова прашање е решено во другите земји?
Во некои европски држави, финансирањето на патиштата се базира на различни модели:
- Во Германија, патарини се наплаќаат само за товарни возила, додека патничките автомобили ги користат патиштата без дополнителни трошоци,
- Во Швајцарија и Австрија, се користи систем на вињети, кој наместо наплатни рампи нуди еднократна годишна такса, што го намалува застојот и овозможува подобар проток на возила,
- Во Бугарија, патарината за патнички возила е значително пониска и исто така се применува систем на вињети.
Овие примери покажуваат дека постојат алтернативни начини за финансирање на патната инфраструктура, кои може да бидат поефикасни и поекономични за граѓаните. Во догледна иднина Македонија треба да размислува за усвојување на вакви модели, да ги прилагоди на своите потреби и согласно животниот стандард на граѓаните.
Што може да се постигне со промена на системот?
Намалувањето на патарините може да има повеќе позитивни ефекти:
- Финансиско олеснување за граѓаните – особено за оние кои секојдневно патуваат на работа и немаат алтернативен начин на транспорт,
- Намалување на оперативните трошоци на бизнисите – што може индиректно да придонесе за намалување на цените на стоките и услугите,
- Подобра регулација и транспарентност – со законско дефинирање на патарините, ќе се избегнат несоодветни одлуки кои можат да доведат до неразумно високи цени.
Дополнително, се покажа дека во земји во кои патарините не се значителен товар на личните и семејните буџети, возачите повеќе претпочитаат користење на автопатиштата од алтернативните рути низ локални патишта, што резултира со подобрена безбедност и намалување на сообраќајни незгоди.
Намалувањето на патарините ќе помогне во создавање поправеден и поефикасен систем за покривање на трошоците за изградба и одржување на патната инфраструктура, а истовремено ќе го намали товарот врз граѓаните. Усвојувањето на овој предлог-закон не е прашање на политичка припадност, туку на рационална економска и инфраструктурна политика.
Време е да се преиспитаат досегашните цени и да се прилагодат во интерес на сите корисници на патната мрежа.