АктуелноЛокално

Изложба La Baracca во чест на 60 години од првата одиграна претстава во славната барака на денешен Театар Комедија

Изложба на костимографски скици на Елена Дончева ќе биде отворена в среда (19 февруари) на пладне во фоајето на Театар Комедија во Скопје. Ќе биде промовирана едицијата La Baracca, која потсетува на историјата и на неспорната важност на оваа култна зграда. Почесна гостинка на настанот е легендарната македонска примабалерина Емилија Џипунова, големата дама на македонската театарска и културна историја, директна учесничка во настаните од 19, 20 и 21 февруари 1965 година.

Настанот е во чест на 60 години од првата одиграна претстава во тогаш изградениот монтажен театар на МНТ, „изместен“ од левиот брег на Вардар на новата локација на градот – на тогашниот булевар ЈНА (денес булевар „Климент Охридски“). Станува збор за „Коломба“ на Жан Ануј – комедија во четири чина – во режија на Димитар Ќостаров, во превод на Илија Милчин, сценографија на Тома Владимирски и костимите на Рада Петрова. Главните улоги ги играле: Љупка Џундева (Коломба), Мери Бошкова, Ристо Шишков, Драги Костовски, Чедо Христов…

Наредниот ден, на 20 февруари, оперскиот ансамбл на МНТ изведува една од „најголемите“ и најкомпликуваните опери на Ѓузепе Верди, „Набуко“ (диригент: Александар Лековски, сценограф: Бранко Костовски, костимограф: Рада Петрова…). Протагонистите биле Анастасија Божикова (Абигајла) и Енцо Серини (Набуко)…

Третиот ден, на 21 февруари, настапил и балетскиот ансамбл со канонската „Копелија“ на Лео Делиб (кореографка: Јитка Ивеља, сценограф: Тома Владимирски, костимограф: Василије Поповиќ-Цицо).

Театар „Комедија“ таа зграда ја „наследил“ откако Драмата на МНТ била преселена во новоизградениот објект, во 2014 година. Првата претстава која „комедијантите“ ја одиграа во тој театар беше комедијата на Оскар Вајлд „Важно е да се викаш Ернест“, на 7 мај 2014 година, во режија на Ирена Стерјовска.