Тупанчески избега од дебата за фашистичките клубови

На вчерашната дебата на Топ Тема каде се дискутираше за фашистичките клубови и зошто по истите уште не е постапено, немаше претставник од Министерството за правда. Како што најави водителката, иако уредно биле поканети од Минситерството за правда, сепак никој не се појави на дебатата. На дебатата немаше претставник и од Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија, затоа што уште не било почнато со работа. Ова тело владата го формира и истото беше конституирано на 5-ти октомври минатата година.

Во дебатата, професорот по управно право Борче Давитковски истакна дека и стариот закон имал добри решенија.

„При изготвувањето се тргна од уставот, во член 20 во кој се прецизира кој може да регистрира политичка партија, кој може здружение и кога не може здружение. Во основа на тоа, ние го операционализиравме во член 4 од законот за здруженија – ако предизвикува тоа и тоа по безбедност на земја и ако предизвикува одредена нетрпеливост на национална, расна или било каква основа“, изјави Давитковски, кој беше член на работната група при изготвување на законот за здруженија и во 1998 година и во 2010 година.

Нагласи дека во тој закон е важно дека надзорот го врши министерството за правда и тоа, вели тој, е клучен момент во законот за здруженија на граѓани.

„И јас не знам зошто се пристапи кон измена на тој закон. Мислам дека немаше потреба. Надзор врз спроведување на одредбите од законот врши Министерството за правда. Кога Министерството за правда виде дека здруженијата со овие имиња предизвикуваат револт кај македонските граѓани, според мене, требаше да ги поништат уписот, по право на надзор, и на првото и на второто“, нагласи Давитковски.

Комисијата за заштита и спречување на дискриминација беше инволвирана во случајот во бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ по претставка. Постапувајќи по неа, беше констатирано дискриминација и говор на омраза. Потоа следуваше барање тоа да биде сменето, меѓутоа не беше испочитувано и сето тоа заврши со прекршочна пријава до министерството за правда, бидејќи не ја исполнило својата обврска да ја провери законската работа на клубот.

„Во овој случај, дискриминацијата беше утврдена како повеќекратна и потешка форма, во форма на вознемирување, врз национална и етничка припадност кон припадниците на македонскиот народ и на сите етнички заедници во македонското опшество. Како подносител на претставката се јави општинскиот одбор на сојуз на борци од народноослободителната и антифашистичка војна. Ги посетивме сите инситуции, добивме докумантација пред да одлучуваме и по долга истрага, вознемирувањето во нашиот закон е препознато како недозволено, забрането однесување, бидејќи ги повредува чувствата, удира на човечкиот интегритет и чувство на достоинство“, објасни Бендевска во емисијата.

Таа истакна дека како комисија, тело за еднаквост, должност е примена и на европската Конвенција за човекови права и во мислењето биле цитирани еден куп примери, каде што евроскиот Суд во Стразбур не дозволува историски ревизионизам и бара итна, општествена потреба за брзо реагирање.

Подолг период, министерот за правда Никола Тупанчески ја префрла одговорноста на Централниот регистар и не постапува за клубовите кои носат имиња на докажани фашистички ликови. Иако Министерството за правда е единствен орган кој може да врши надзор над работата на здруженијата и за истите да побара поништување на уписот, Тупанчески сеуште одбива да постапи.