АктуелноЛокално

Со „Страда бруталисима“ Македонија ќе се претстави на Биеналето на архитектурата во Венеција

Проектот „Страда бруталисима“ на авторите д-р Благоја Бајковски, д-р Ана Рафаиловска, м-р Невенка Манчева Аџиевска и м-р Марија Антиќ-Николовска, ќе ја претставува Македонија на 19. Меѓународна изложба на архитектурата, која од 10 мај до 23 ноември ќе се одржува во Венеција. Организацијата е на Националната галерија на Македонија, која го предложи проектот, а со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам.

Професорот Јован Ивановски од Архитектонскиот факултет, кој е и член на  Комисијата за избор на проектот, пак, информираше дека на конкурсот пристигнал само еден проект „Страда бруталисима“, при што е одлучено дека соодветствува на условите и на критериумите за учество на Венециското биенале. Тој напомена дека проектот има три нивоа низ кои може да се согледа. Првото е документарно-истражувачко и е поврзано со историското наследство на модерната архитектура во државата, поточно во Скопје. Второто е критичко рефлексирано, а третото како што кажа, е уметничко креативно и сето тоа е преточено во уметничка поставка.

Тој, исто така, истакна дека предмет на истражување на проектот се капиталните дела на македонската модерна архитектура по земјотресната обнова на Скопје.

Во своето образложение на проектот авторот и куратор д-р Благоја Бајковски посочи дека проектот ’Страда бруталисима’ (во превод ‘Бруталистичка улица’), во фокус ја става бруталистичката архитектура на Скопје, која е еден уникатен и парадигматичен слој од поземјотресната историја на градот.

“Проектот не пристапува кон овој слој како носталгичен омаж на минатото, туку како еден динамичен извор на знаење кое може да биде вткаено во современата архитектонска дисциплина… Главната цел на ‘Страда бруталисима’ е да ја активира архтектонската интелигенција вткаена во ова бруталистичко наследство на Скопје… Практично поставката извлекува десет бруталистички примери од автентичноста на нивниот контекст и ги репозиционира во нова просторна организација создавајќи ја таа концептуална улица“, објаснува Бајковски. Тој додаде и дека самиот наслов е инспириран од централната поставка во објектот на Арсенале на првата Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 1980, курирана од познатиот италијански архитект Паоло Портогези. Неговата изложба отвори прашања за постмодерната архитектура, преку една инсталација во вид на улица долга 70 метри, на серија од фасади, кои беа проект на 20 исклучително влијателни архитекти од целиот свет.