(Фото) Масовен протест „Кој е следен“ во чест на загинатата Фросина Кулакова
Масовен протест во Скопје – гнев, тага но и желба за правда за свирепо прегазената Фросина Кулакова ечеа од илјадниците граѓани кои протестираа денеска. Насобраните граѓани скандираа „секој еден е следен„ потенцирајќи дека неказнивоста, корупцијата и привилегираноста прават секој пешак да е потенцијална жртва на прегазување од страна на несовесни возачи кои дивеат по улиците и булеварите, а нема кој и како да ги запре.
Револтираните граѓани бараат темелни промени во правосудството со цел девијантното однесување да биде соодветно санкционирано, наместо судството да бара олеснителни околности за пресудите за убиства со прегазување да бидат благи и минимални. Велат нефункционалноста на системот за заштита на младите кои се во судир со законот, како што е случајот со 20 годишниот дилер и корисник на дрога, Васил Јованов доведе до тоа тој да ја прегази Фросина Кулакова возејќи пијан со 120 км/ч на прометната „Партизанска„. Граѓаните побараа одговорност од сите инволвирани вклучувајќи го и таткото на Васил – Зоран Јованов и судијката Даниела Алексовска-Стојановска која не му дала на Јованов соодветна казна за неговото последно кривично дело.
Помеѓу насобраните протестирачи беа и семејствата на другите изгазени пешаци кои трагично загинаа под тркалата на несовесните возачи во последните неколку години. Многу од овие семејства не добија правична правна завршница за убиствата на нивните блиски, чија единствена вина е тоа што биле пешаци и се движеле по градските улици.