Левица-Град Скопје: Бараме итно расчистување на дивата депонија во Шуто Оризари !

  • Реакција на Левица-Град Скопје

Скопската дива депонија во Шуто Оризари претставува алармантен проблем што бара итна реакција од надлежните институции.

Од ден на ден,oваа депонија се шири и зголемува, создавајќи вистинска планина од отпад, и тоа само на 5 километри од центарот на главниот град.

Taa e сериозна закана за животната средина и здравјето на граѓаните, но, истовремено е и срам за нашата урбана средина.

Земјиштето на кое е лоцирана оваа депонија е комбинација на државна и приватна сопственост.

Загрижувачки е фактот што најголемиот дел однејзините парцели се под управa на Министерството за одбрана.

Ова наметнува низа прашања: дали е министерството свесно за присуството на депонијата на својата територија? Кој дозволува одлагање на отпадот на оваа локација? Дали можеби станува збор за специфичен вид на отпад, па дури и за воен отпад?

Дополнително, дел од оваа територија е класифицирана како плодна земјоделска почва и пасишта.

Во време кога Р. Македонија се соочува со уништување на земјоделското земјиште поради изградба на фотоволтаици, сега сме сведоци на нов вид на деградација – депонирање на непознат отпад на плодни површини.

Ова е двоен удар за животната средина и за аграрот, кои веќе се борaт со бројни предизвици.

Депонијата во Шуто Оризари не претставува само еколошка закана, туку и директен ризик за здравјето на граѓаните. Храната што се произведува на земјоделските површини во непосредна близина на оваа депонија завршува на трпезариската маса во многу домови.

Со контаминирањето на почвата и подземните води, опасните супстанци и токсични материи од депонијата можат да се најдат во храната што ја консумираме, со што се нарушува здравјето на населението.

Левица ќе поднесе претставки до општина Шуто Оризари, Град Скопје и Државниот инспекторат за животна средина. Сите oдговорни институции мора итно да преземат мерки за расчистување на депонијата и да најдат кој е одговорен со управувањето со овој простор и кој дозволил да никне дива депонија во непосредна близина на Скопјe.