Објавена книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски

Институтот за македонска литература ја објави книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски. Книгата првпат во македонската книжевна наука на едно место нуди биографии на досега непознати или малку познати македонски жени со кои започнал развојот на македонското женско творештво („женско писмо“).

Според авторот Ковилоски, се надминува сликата за немоста на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони.

Во книгата се дадени биографиите и се анализирани делата на Славка Динкова, Митра Миладинова, Ца­рев­на Миладинова-Алексиева, Евтимица Јанчева, Анас­та­сија Милошова, Евгенија Јанчулева, Јанка Каневчева, Ма­рија Зрнева, Султана Чикмакова и Олга Маџарова. Ис­­то така, накратко е даден осврт и кон записите, го­во­ри­те и пеењата на монахињата Параскева, ученичката Параскева Дим­кова и Дафа Цепенкова, сестра на Марко Цепенков.

Како посебни прилози на крајот од книгата, прв­пат се изнесени делови од нивните творештва со цел од пр­ва рака читателите да се запознаат со нивните идеи и стил на пи­шу­вање.Така, свое место тука ќе најдат повеќе ста­тии, првата полемика водена од македонска жена, првиот расказ, епистоларија, како и првата пиеса и песна пронајдени во ракопис во приватен архив. Сите понудени дела се преведени или адап­ти­рани според правилата на стандардниот македонски ја­зик. На крајот на книгата се дадени прилози во вид на фотографии на авторките и фак­си­мили од нивните објави и ракописи.

Освен биографиите на авторките и нивните дела, во книгата се разгледуваат почетоците на македонското женско творештво (женско писмо), појавата на женското образование, омилените книги на тогашната женска читателска публика и првите македонски женски просветни и книжевни друштва.

 Според рецензентот проф. д-р Јасмина Мојсиева-Гушева, оваа книга е една од ретките монографии посветени на македонското женско писмо.

– Таа претставува незаобиколна литература за натамошните истражувања што би се однесувале на об­лас­та на културната историја на Македонија и потесната дис­циплина – македонската литературна историја, смета Мојсиева-Гушева.

Авторот Славчо Ковилоски работи како научен истражувач во Институтот за македонска литература. Автор е на повеќе монографии за македонската културна историја од XIX век и е добитник на државната награда за наука „Гоце Делчев“.