Еуромакс спонзорира археолошки истражувања, активисти пријавени во МВР
Соопштение на иницијатива „Здрава Котлина”.
Народот е гневен во паника и само што не избил народен бунт. Институциите неми, а една од нив, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица, на ден – 10.06.2019 година во соработка со Еуромакс, (во рамките на Законот за заштита на културно наследство) почна со работа на терен.
Поради светоста и чистотата на нашите намери, водиме сметка да не пласираме искривени факти или недоречени работи, поради тоа закажавме состанок со првиот човек на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица. Средбата се оствари вчера на ден 11.06.2019, 12:00 часот при што бевме уредно пречекани од страна на актуелниот прв човек на институцијата, и двајца бивши директори, едниот од нив задолжен за заштитните археолошки истражувања кои отпочнаа на Огражден деновиве. За жал, поради чувствителноста на темата, тензијата меѓу активистите и службениците во Музејот нарасна со текот на разговорот и на крај беа разменети дури и повишени и жолчни тонови.
На средбата учествувавме активисти од здруженијата Здрава Котлина и Еко Долина, заедно со неколкумина загрижени жители на с. Штука – докажани долгогодишни борци против рудникот на смртта. На наша среќа во здружението имаме дипломиран археолог, докажан и признаен во својата област и надвор од границите на нашата Држава, археологот пристапи сериозно на целата ситуација и дојде наоружана до заби со информации за законите – државни, етички и морални, како и хронолошки документи на релација Музеј – Инвеститор.
Целта на средбата беше да добиеме одговори од страна на релевантната институција на прашањата кои деноноќно пристигаат на адреса на овие здруженија; воедно и да ги алармираме одговорните луѓе од институцијата за ситуацијата во овие две села каде, поради чувствителноста на темата, луѓето ги доживуваат археолошките истражувања, како провокација од страна на еуромакс и “долевање масло на огнот”.
Сметајќи дека завршувањето на заштитните археолошки истражувања се предуслов за пренамена на земјиштето од лесна во тешка индустрија, ние како еко-активисти, дел од нас и археолози по професија, се чувствуваме морално повикани да ги поставиме прашањата од страна на граѓаните – јавно и да добиеме одговори од релевантните институции, со што би се смириле и тензиите меѓу населението во најзасегнатите села под потенцијалниот рудник на смртта.
Битно е да нагласиме дека народот рапидно ја има изгубено довербата во институциите, бидејќи досега, на сите блокади, протести, алармни каравани, дискусии, укажувања, и покрај истечената концесија и некомплетноста на документацијата на инвеститорот – институциите продолжуваат да молчат.
Прашањата кои ги добиваме од страна на загрижените граѓани се следниве:
1. Дали Еуромакс ги спонзорира археолошките ископувања?
2. Дали археолошките истражувања значат всушност отпочнување на рудникот со работа?
3. Зошто таква сериозна институција соработува со компанија која ја бие лош глас и веќе две години е со истечена концесија?
4. Барањето на Еуромакс за археолошки истражувања датира од 2016та година. Дали сеуште не е помината временската рамка за отпочнување со истражувањата? Дали Еуромакс има доставено ново барање деновиве? Дали смее да доставува нови барања со истечена концесија? (Се консултиравме со правници.)
5. На кои локалитети работат во моментов? Дали се работи на локалитетот Црквиште – локалитет со потенцијал да крие сензационални откритија?
6. Колку време би траеле археолошките истражувања?
7. Во концесискиот простор се наоѓаат девет археолошки локалитети, пет од нив се наоѓаат во проектниот опфат на инвеститорот. Дали планирате заштитни арехеолошки истражувања на сите девет локалитети?
8. Што би се случило доколку наидат на сензационални откритија?
9. Дали имаат надворешен соработник од Велика Британија?
10. Што би се случило после археолошките истражувања? Дали тоа е последниот предуслов за пренамена на земјиштето од лесна индустрија (земјоделие, туризам, култура) во Г1 тешка и загадувачка индустрија?
11. Како ги имаат бирано луѓето кои ќе работат на терен, дали притоа имаат распишано конкурс за вработување или имаат објавено некаков оглас?
12. Зошто на археолошките истражувања се вработени сите можни лобисти за рудникот од двете села (кои меѓу другото важат и за најголеми провокатори)?
13. Зошто дневницата на физикалците во овие истражувања е 2000 денари наспроти долгогодишната пракса на Музејот да ги плаќа 600 денари? Дали можеби инвеститорот ова го користи за себепромоција и психолошко влијание врз луѓето дека со отпочнувањето на работа од рудникот би течело “мед и млеко”, (момент кој особено ги иритира чесните луѓе кои треба да живеат под потенцијалниот рудник).
14. Дали службеници од НУ Музеј на град Струмица за заштита на спомениците и културното наследство (кои се задолжени да ги вршат археолошките истражувања) имаат седено на иста маса со Еуромакс и се имаат договарано за донации – теренски возила, теренска опрема, патики и сл. пред да отпочнат со било каква работа на терен?
15. Дали сметат дека било какви договори со инвеститор пред отпочнување на теренски активности би се сфатило како можно додворување на инвеститорот и можно барање на “некакви услуги” за возврат? Дали таквите наивни “донации” не се косат со етичките норми на археолошките истражувања?
16. Дали Еуромакс/Трафигура се добротворни организации или рударски компании?
17. Зошто, доколку е се’ чисто, за прв пат во историјата на археолошките истражувања во Државава, археолошките истражувања “ги чува” обезбедува приватна агенција за обезбедување?
18. Што ги спречува вработените во Музејот да се повикаат на моралната одговорност кога сфаќаат дека нивните потенцијални археолошки истражувања може да доведат до незадоволство/ блокади / можен народен бунт, и зошто им е толку тешко да направат ДОПИС до министерството за култура и да ја објаснат ситуацијата? Наспроти тоа, под рака со Еуромакс се упатуваат во МВР и ги пријавуваат активистите кои дојдоа на мирен начин да им ја објаснат ситуацијата и заеднички да побараат начини (правни/морални/етички) за решавање на ситуацијата на мирен начин?
Подолу накратко ќе се обидеме да ги пренесеме генералните одговори на соговорниците од музејот на нашите поставени прашања. Имајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата (и фактот дека не сакаме да си играме на “расипан телефон”) со сета должност кон институциите, бараме јавно да излезат или писмено да достават образложение на поставените прашања и од нивна страна.
Накратко и сумирано, ова се нивните одговори:
– Согласно Законот за заштита на културното наследство, инвеститорот кој бара пренамена на земјиштето од лесна во Г1 тешка и загадувачка индустрија, според ЗАКОНОТ за заштита на културно наследство, е должен да достави барање до Управата за заштита на Културно наследство и да спонзорира заштитни археолошки истражувања на постојните археолошки локалитети кои се наоѓаат во границите на концесискиот простор.
– Согласно правните патеки, секој инвеститор дури и физички субјект може да спонзорира археолошки истражувања, без разлика дали е со помината концесија или не.
– Археолошките истражувања не значат и отпочнување на рудникот со работа, дури ако наидеме на терен значајни археолошки откритија би значело и стопирање/ спречување на рударски активности.
– Засега, додека се во тек прелиминарните археолошки истражувања, немаат надворешен соработник од Велика Британија, за тоа дали ќе им наметнат таков, сеуште не знаат.
– Во моментов се работи на прелиминарни археолошки истражувања. Почнато е да се работи на локалитетот Анови. На локалитетот Црквиште, сеуште не се отпочнати прелиминарни истражувања.
– Прелиминарните истражувања предвидено е да траат два месеца.
– Не се распишува оглас за вработување на физикалци; бидејќи не ги познаваме луѓето од засегнатите села, инвеститорот донесе работници.
– Инвеститорот ги спонзорира ископувањата и тие ја определија дневницата.
-Прелиминарните истражувања предвидено е да траат два месеца. Ние работиме професионално и не дозволуваме да се наруши нашиот кредибилитет.
– Инвеститорот е задолжен да не снабди со теренска опрема и се’ што е потребно за непречено извршување на теренските активности.
– Службениците од музејот објаснија дека тие немаат повикано обезбедување и не знаат за такво нешто. Рекоа дека имаат задолжено еден човек кој би ја чувал опремата и тоа е се. Доколку постои обезбедување тоа не е наше и не знаеме ништо за тоа, велат од музејот.
– Од Музејот велат дека доколку пронајдат на терен сензационални па дури и значајни археолошки откритија, тоа би значело и стопирање/ спречување на рударските активности.
ЗАКЛУЧОК:
Како активисти и луѓе директно засегнати од отварањето на потенцијалниот рудник сметаме дека посветувањето на ИНФОРМИРАЊЕ на јавноста е претходник на ПРАВДАТА и ОСНОВА НА ДЕМОКРАТИЈАТА. Сметаме дека основна задача на институциите би им била да работат на остварувањето на овие цели на тој начин што ќе ја зборуваат вистината, а за настаните и за актуелните прашања ќе пишуваат на фер и разбирлив начин со цел да се информираат засегнатите субјекти што точно се случува на терен и да се избегнат понатамошни недоразбирања.
Совесните луѓе кои работат во институциите треба да се трудат на јавноста да и служат со тоа што ќе бидат темелни и чесни во она што го работат, независно за која институција работат и која е нивната специјалност. Професионалниот интегритет е темелот на кредибилитетот. Само, пред да бидеме ‘професионалци’ и да ги следиме законите кои ни ги налага Државата, да пробаме да ги следиме и оние непишаните закони наречени ЧОВЕЧНОСТ, МОРАЛ, ЕТИКА И СОВЕСТ. Во чинот на совеста, како и во било кој судски процес, МОРАЛНАТА СВЕСТ на човекот се разложува и ги игра сите оние улоги кои постојат во класичниот судски процес. Таа е и тужител, и адвокат, и обвинет, и судија, кој ја изрекува пресудата согласно оценката за исправноста или неисправноста на направеното дело. Совеста е практички ум кој во секој случај на остварување на некој морален закон изрекува заклучок на совеста како пресуда или ослободување. Од секој нас поединечно зависи со каква пресуда или ослободување ќе избереме да живееме до крајот на животот.
Бевме во Музејот со цел да добиеме конкретни одговори но и да ги алармираме за она што се случува на терен и да ги замолиме за можен прекин на археолошките работи бидејќи се плашиме дека не е моментот за тоа.
Гневот кај луѓето од селата најзасегнати со отварањето на рудникот, од ден на ден расте посебно што биваат провоцирани на дневна база од страна на луѓе – лобисти на Еуромакс (кои се вработените “физикалци” на археолошките истражувања и за почеток земаат плати од 40 000 денари месечно, претпоставуваме, се’ со цел психолошки да се влијае на луѓето од овој крај и да се прикаже рудникот како инвестиција наспроти геноциден проект за уништување на Огражден и Струмичката котлина).
Ние, еко активистите изразуваме надеж, дека е можно да се најде некакво правно решение, било да направат некаков допис до Управата за заштита на културното наследство или директно до Министерството за Култура и да објаснат дека продолжувањето на нивните активности се косат со етички принципи на работа и можно е да предизвика во најмала рака блокади, немири меѓу населението и можно е целата ситуација да ескалира во народен бунт.
Не знаеме дали луѓето од Музејот живеат во некакво стаклено ѕвоно, но во овој момент, секое продолжување на археолошките активности народот го поистоветува со “отварање на рудникот” и го доживува како “долевање масло во огнот”, провокација од страна на Еуромакс, кој пак, во истиот тој момент е со истечена концесија.
Им објаснивме дека уште повеќе ги разгневува луѓето и тоа што за прв пат во историјата на археолошките истражувања, има обезбедување на терен кое ги спречува луѓето слободно да се движат по планината. Од Музејот ни објаснија дека тие немаат обезбедување и тие не знаат за такво нешто. Никој не знае ништо за обезбедувањето, но во реалноста обезбедувањето постои и овие денови не лиши од основното човеково право на слободно движење, како што спомнаа повеќе луѓе кои им биле барани да покажат лични документи и биле спречени да го напасуваат добитокот/да собираат печурки/чаеви и слични активности кои населението има навика да ги прави во овој период од годината.
Почитувани од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица, дојдовме со најчисти намери, да ве предупредиме за ситуацијата на терен, да разговараме и да изнајдеме правни решенија и на мирен начин да се заврши целата работа. Вие, наредниот ден место да направите допис до релевантните министерства, се одлучивте ‘под мишка’ со Еуромакс/Трафигура да одите во МВР и да поднесете кривични пријави против нас активистите. Нека ви служи на чест!
Уште еднаш ве замолуваме на разумност. Ситуацијата излегува од контрола и гневот на народот не може повеќе да се контролира. Пред да постапите согласно ‘вашите закони’, народот има право да постапи според најголемиот закон над законите – LEX NATURALIS – законот за право на живот и самозаштита.
Ги повикуваме жителите на струмичката котлина на разумност, смиреност и трпение. Законите се на наша страна, да ја почекаме и реакцијата на институциите. Доколку не излезат со реакција ние повеќе немаме никакво право да ве стопираме.
Ги повикуваме јавно да им одговорат на граѓаните на погоре поставените прашања:
NU Zavod i Muzej Strumica
Управа за заштита на културното наследство
Министерство за култура / Ministria e Kulturës
Влада на Република Северна Македонија
Зоран Заев